Faruk Zorlu
22 Октомври 2023•Ажурирај: 23 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, го најави планот за јакнење на присуството на американските сили на Блискиот исток во време на ескалација на судирите во регионот, известува Анадолу.
„По деталните разговори со претседателот (на САД Џо, заб. на ав.) Бајден за неодамнешните ескалации со Иран и силите поврзани со оваа земја ширум регионот на Блискиот Исток, денес направив низа дополнителни чекори за понатамошно јакнење на силите на Министерството за одбрана во регионот“, изјави Остин вчера.
Тој додаде дека овие чекори ќе ги зајакнат регионалните напори за одвраќање, ќе ја зголемат заштитата на американските сили во регионот и ќе помогнат за одбрана на Израел.
„Го пренасочив движењето на ударната група на носачот на авиони „Двајт Д. Ајзенхауер“ во зоната на одговорност на Централната команда. Оваа ударна група на носачот на авиони е додаток на групата „Џералд Р. Форд Кариер“, која моментално дејствува во источниот дел на Средоземно море. Тоа дополнително ќе ја зголеми нашата положба на сили и ќе ги засили нашите способности да одговориме на низа непредвидливи ситуации“, рече Остин.
Според неговите зборови, поставувањето на батеријата на ракетниот одбранбен систем ТХААД и испраќањето на дополнителни „Патриот“ баталјони на различни локации во регионот е предвидено со цел зголемување на заштитата на американските сили.
„Дополнителен број на сили е во подготовка за распоредување во склоп на планирањето на вонредни ситуации, за да се зголеми нивната подготвеност и способност бргу да реагираат по потреба“, истакна американскиот Министер за одбрана Остин.
Пентагон во четвртокот соопшти дека воениот брод на американската морнарица пресретнал крстосувачки ракети и беспилотни летала лансирани од страна на јеменските бунтовници Хуси кои „потенцијално“ го гаѓале Израел.