Merve Berker
22 Октомври 2023•Ажурирај: 24 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Фахретин Алтун, шефот на Дирекцијата за комуникации при Канцеларијата на претседателот на Туркије, ја повика меѓународната заедница да им помогне на Палестинците, известува Анадолу.
„Пред наши очи гледаме хуманитарна криза со која се соочуваат бебињата во Газа. Во Газа нема струја, чиста вода, храна“, наведе Алтун.
Тој истакна дека претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, „води многу интензивна дипломатија за да се изнајде решение за оваа хуманитарна криза со која се соочуваат жителите на Газа.“
„Ние сме покрај народот на Газа и ја повикуваме меѓународната заедница да покаже единство. Потребна е итна медицинска и хуманитарна помош. Да им помогнеме на децата во Газа да преживеат“, истакна Алтун.
Според податоците на палестинското Министерство за здравство, бројката на загинати во Газа во текот на израелските бомбардирања се зголеми на 4.385, од кои 1.756 се деца.
Во нападите врз Израел загинаа повеќе од 1.400 лица.
Борбите започнаа на 7. октомври, кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.