Ikrame Imane Kouachi
17 Март 2024•Ажурирај: 18 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 92 Палестинци загинаа, а 130 се повредени во последните 24 часа во израелските напади кои продолжуваат во опколениот Појас Газа, објави денес Министерството за здравство на енклавата, јавува Анадолу.
„Израелската окупација во изминатите 24 часа изврши девет масакри врз семејства во Појасот Газа, во кои се убиени 92 лица, а 130 се повредени“, наведе Министерството. Додаде дека многу тела и понатаму се наоѓаат под урнатините и на патиштата, и спасувачите не можат да дојдат до нив.
Прекршувајќи ја привремената одлука на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа каде, според палестинските здравствени власти, од 7 октомври најмалку 31.645 Палестинци, главно жени и деца, се загинати, а 73.676 се повредени.
Израел започна напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година, по прекуграничниот напад на Хамас.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.