Израел уби уште еден новинар во Газа, вкупно 232 досега
- Бројот на убиени новинари откако Израел ги започна нападите врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година се зголеми на 232.

ГАЗА (АА) - Новинарот Адем Ебу Хербид и тројца негови роднини се убиени во напад на израелската армија врз градот Газа, кој се наоѓа на северниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите што дописникот на Анадолу ги доби од медицински извори, израелската армија бомбардирала шатор во близина на централниот дел на градот Газа во кој биле сместени раселени цивили.
Новинарот Ебу Хербид и тројца негови роднини се убиени во нападот, а неговата сопруга и децата се повредени.
Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа објави дека новинарот Адем Ебу Хербид и членови на неговото семејство се убиени во израелски напад.
Информирајќи дека Ебу Хербид бил новинар што работел за голем број медиуми, во соопштението се наведува дека бројот на убиени новинари од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година изнесува 232.
Во соопштението „најостро се осудува“ систематското убивање на новинари во Газа и се повикуваат Меѓународната федерација на новинари, Арапскиот сојуз на новинари и сите медиумски организации низ светот да ги осудат систематските злосторства извршени врз палестинските членови на медиумите во Појасот Газа.
„Израелската окупација, американската администрација и земјите соучесници во злосторството геноцид, како што се Велика Британија, Германија и Франција, ги сметаме за целосно одговорни за извршување на овие гнасни и брутални злосторства“, се наведува во соопштението.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.