Ahmed Asmar
17 Јули 2024•Ажурирај: 18 Јули 2024
АНКАРА (АА) – Во нападите на израелската војска врз Појасот Газа загинаа уште 81 Палестинец, со што вкупниот број на загинати од 7 октомври минатата година достигна 38.794, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата, јавува Анадолу.
Министерството додаде дека 89.166 лица се повредени во нападите.
„Израелските сили убија 81 лице и повредија 198 во два масакра врз семејства во последните 24 часа“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, додадоа оттаму.
Палестинските здравствени власти проценуваат дека повеќе од 10.000 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати и се под урнатините на уништените домови низ Појасот Газа.
Непочитувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа од нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Повеќе од девет месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.