Ikrame Imane Kouachi
31 Август 2024•Ажурирај: 01 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 14 Палестинци се убиени, а повеќемина се повредени вчера во израелските напади врз централниот и јужниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Медицински извори од болницата Ал-Авда за Анадолу изјавија дека 9 Палестинци се убиени, а повеќе од 10 се повредени во израелски напад врз куќа западно од кампот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Палестинската цивилна одбрана во Газа соопшти дека петмина Палестинци ги загубиле животите, а 15 се повредени кога израелските сили гранатирале куќа во Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Израел се соочува со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање и гранатирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Газа од 7 октомври 2023 година.
Според локалните здравствени власти, во израелските напади убиени се повеќе од 40.600 Палестинци, главно жени и деца, а над 93.800 се повредени.
Тековната блокада на Газа доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.
Израелските напади врз палестинската енклава го принудија населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, предизвикувајќи акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, притоа разорувајќи ја и уништувајќи ја инфраструктурата на енклавата.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.