Rania R.a. Abushamala
03 Октомври 2024•Ажурирај: 04 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Најмалку девет лица загинаа, а 14 се повредени во израелски воздушен напад во текот на ноќта врз стан во подрачјето на Бачура во централен Бејрут, соопшти денес либанското Министерство за здравство, јавува Анадолу.
Според дописникот на Анадолу, воздушниот напад предизвикал голема штета врз околните згради и автомобили во нападнатата област.
Министерството соопшти дека во тек се напори за идентификација на жртвите.
Израелската Армија изврши и неколку воздушни напади врз населбите во јужното предградие на Бејрут, оставајќи зад себе огромен облак чад.
Либанската државна новинска агенција ННА соопшти дека до зори денес израелските сили извршиле 17 воздушни напади врз Бејрут и неговото јужно предградие.
Агенцијата, исто така, јави за повеќе израелски воздушни напади врз села и градови во јужниот дел на Либан.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, соопшти дека Армијата извршила „прецизни“ напади врз Бејрут, но не даде дополнителни детали.
Израел започна масовни воздушни напади од 23 септември врз, како што ги нарече, позиции на Хезболах низ Либан, во кои досега убиени се над 1.100 лица, според либанското Министерство за здравство.
Воздушната кампања претставува ескалација на едногодишното прекугранично војување меѓу Израел и Хезболах од почетокот на бруталната офанзива на Тел Авив врз Појасот Газа, во која од октомври минатата година убиени се речиси 41.800 Палестинци, главно жени и деца.
Оттогаш убиени се најмалку 1.928 луѓе, над 9.200 се повредени, додека 1,2 милиони се раселени, според либанските власти.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го ескалираат конфликтот во Газа во поширока регионална војна.