Rania R.a. Abushamala
18 Април 2024•Ажурирај: 19 Април 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку осум Палестинци беа убиени вчера, а други беа повредени во израелски воздушен напад врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, јавува Анадолу.
„Осум граѓани од семејството Ајад, раселени од градот Газа, меѓу кои пет деца и две жени, загинаа како резултат на бомбардирањето на просторија во земјоделско земјиште во населбата Салам, јужно од Рафа“, изјавија медицински извори за Анадолу.
Неколку Палестинци, исто така, беа повредени во нападот чија цел беше домот на семејството Бахабса, во близина на источните гробишта во градот, јави дописникот на Анадолу.
Ова се случи откако се зголемија регионалните и меѓународните грижи за израелските намери за копнен напад врз Рафа, каде што околу 1,4 милиони раселени Палестинци се засолнети од непрестајните напади врз други делови на Појасот Газа.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива на Појасот Газа од прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени речиси 1.200 луѓе.
Повеќе од 33.800 Палестинци, претежно жени и деца, оттогаш се убиени во Газа, а над 76.600.
Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, а поради целосната блокада предизвикан е недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според податоците на ОН.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари донесе привремена одлука со која му наредува на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.