Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
25 Јули 2022•Ажурирај: 26 Јули 2022
ИДЛИБ (АА)
- АХМЕТ КАРААХМЕТ/МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ
Цивилите кои беа насилно раселени во провинцијата Идлиб во северозападна Сирија, во импровизирани шатори се борат за живот на температури далеку повисоки од сезонските норми.
Екстремната топлина, која влијае низ целиот свет, исто така негативно влијае и на цивилите кои се раселени од режимот на Асад и неговите поддржувачи во северна Сирија.
Во Идлиб, повеќето цивили живеат во импровизирани шатори, а температурите во текот на денот се искачуваат над 40 степени.


Животот во шаторите во Идлиб, каде што живеат 3-4 милиони цивили, е многу тежок. Семејствата живеат во стари, искинати шатори кои не се соодветни за екстремните горештини.
Семејствата кои се борат со големите горештини немаат струја, а исто така има недостиг на вода.
- „Живееме во тешки услови“
Абдурахман Раад, кој живее во кампот Азрак на граничната линија меѓу Сирија и Турција на југот на Идлиб, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека голем број цивили кои живеат во шаторите страдаат од топлото време.
Наведувајќи дека очекуваат поддршка од невладините организации, Раад рече: „Живееме во шатори со димензии 4 х 5 метри. Во шаторите кои се покриени со пластика, не може да се заштитиме ниту од жештините во лето, ниту од студот во зима.“
Наведувајќи дека температурите се над 40 степени и има екстремно топли денови, Раад рече: „Нема струја, затоа не работи ниту вентилаторот. Живееме во тешки услови.“

- „Замислете како е да се живее во најлонски шатор“
Мерјем Сатуф, која пред 3 години мораше да мигрира од југоисточните села на Идлиб поради интензивните напади на режимските сили и Русија, нагласи дека шаторите во кои живеат не се соодветни за временските услови во која и да е сезона.
Сатуф, подвлекувајќи дека ниту постарите ниту пак, малите деца не можат да ја издржат екстремната температура, рече:
„Мораме да ги бањаме децата за да се освежат. Температурата на воздухот е многу висока, над 40 степени. Замислете како е да се живее во најлонски шатор.“
