Said Amori,Zeynep Tüfekçi Gülay
28 Октомври 2023•Ажурирај: 28 Октомври 2023
АЛ КУДС (АА) – Во екот на најинтензивните напади врз Појасот Газа од 7 октомври, израелската војска синоќа соопшти дека не е започната „официјална копнена операција“, јавува Анадолу.
„Канал 12“ објави, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа, дека израелските сили влегле во Газа „во ограничена мера“ преку копно.
Воени извори потврдија дека не станува збор за започнување официјална копнена операција во Газа.
Израелската војска претходно соопшти дека го проширува опсегот на своите копнени операции.
Јорданскиот министер за надворешни работи Ејмен Сафеди изјави дека Израел започнал копнена војна против Газа која ќе има непроценливи последици во смисла на хуманитарна катастрофа во годините што доаѓаат.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) синоќа усвои резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот.
Израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен, повикот од резолуцијата на ОН, која ја поддржаа 120 држави, го нарече „неморален“.
Обединетите нации (ОН) предупредија дека секој напад врз здравствените установи е кршење на меѓународното хуманитарно право, а предупредувањето дојде веднаш по израелските закани упатени во врска со болницата Ал-Шифа во Појасот Газа.
Додека траат интензивните бомбардирања во Појасот Газа, во прекин се телекомуникациите и интернетот, што ја оневозможува комуникацијата со хуманитарните и медицинските тимови на теренот, што најостро го осуди и шефот на Канцеларијата за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
Турската Црвена полумесечина соопшти дека нема контакт со персоналот во Газа, а УНИЦЕФ повика на итен прекин на конфликтот за да се заштитат речиси милион деца во Појасот Газа.
Од 7 октомври во израелските напади врз Газа загинаа 7.326 Палестинци, од кои 3.038 деца, 1.726 жени и 414 стари лица. Речиси 19.000 луѓе се ранети.