Davit Kachkachishvili
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
ГОСТОМЕЛ (АА) - Луѓето кои се вратија во градот Гостомел во Украина, кој беше тешко оштетен поради интензивните руски бомбардирања, се обидуваат да ги обноват своите изгорени и уништени куќи за да ги вратат своите семејства, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иван Јегејда, кој ја чистеше неговата куќа која изгоре поради руските воздушни напади на улицата „Малиовничи“ во Гостомел, истакна дека неговата куќа веќе не е погодна за живеење.
Наведувајќи дека тука живеел со сопругата и двете деца пред да започне војната, Јегејда нагласи: „Тие сега се во странство. Заминавме одовде на првиот ден од нападите.“
Јегејда истакна дека во регионот започнале тешки воздушни напади уште од првиот ден на војната, и рече: „Нападот започна во 5 часот наутро на 24 февруари. Проектили беа лансирани кон Аеродромот „Гостомел“. Потоа, околу 12 часот, почнаа да летаат хеликоптери. Зедовме облека колку што можевме и заминавме.“
Наведувајќи дека повеќето од нивните куќи се изгорени како резултат на руските воздушни напади, Јегејда рече дека не знаат колку издржале останатите куќи и дека го чекаат извештајот за проценка.
„Ќе се обидеме да извршиме реновирање и поправки. Ѕидовите не се срушени“, рече Јегејда.
Тој, исто така, додаде дека се обидувал да собере дел од железните предмети што останале во куќата и дека може да го врати своето семејство доколку куќата стане погодна за живеење.
Четириесет и четиригодишниот Тарас Богдаренко, жител на Гостомел, кој живее на истата улица и чија куќа била оштетена од проектил, нагласи: „Оштетените куќи се резултат од дејствијата на Русите.“
Богдаренко, исто така, нагласи дека во регионот има конфликти од 24 февруари, но дека воздушните напади врз куќите на цивилите особено се зголемени од 5 март и дека се изгорени сите куќи.
Нагласувајќи дека го напуштил градот на 24 февруари со сопругата и детето, Богдаренко додаде:
„Видовме дека кон аеродромот почнаа да летаат хеликоптери и авиони. Имаше големи експлозии. Не очекувавме ситуацијата дополнително да се влошува.“
Меѓу другото, Богдаренко рече дека куќата е оштетена однадвор, a поголемиот дел од мебелот е во употреблива состојба и ќе може да се живее во куќата откако ќе биде реновирана.
Богдаренко, нагласувајќи дека очекуваат да бидат снабдени со електрична енергија и гас во регионот, нагласи: „Мораме да живееме. Ние, Украинците, сме многу силен народ.“