Sinan Doğan
06 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Во Венецуела е запленето поголемо количество оружје и муниција за кои е утврдено дека се испратени од Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за јавна безбедност на Венецуела преку социјалната мрежа Твитер соопшти дека во складиштето на Меѓународниот аеродром „Артуро Микелена“, во Валенсија, е запленето големо количество оружје и муниција испратени од градот Мајами.
Заменик-министерот за јавна безбедност, Ендес Паленсија, на Твитер сподели фотографии од запленетото оружје и муниција. Соопшти дека во складиштето се пронајдени 19 пушки и 118 шаржери од американско производство, муниција со голем калибар, неколку десетици уреди за комуникација, меѓу кои и шест мобилни телефони.
Паленсија рече дека е установено оти запленетото оружје и муниција на 3 февруари биле доставени со авион од Мајами.
„Ние како безбедносни единици до крај ќе ги исполниме нашите обврски против оние кои му се закануваат на мирот и стабилноста на населението во Венецуела и пружаат финансиска поддршка за терористичките групи“, појасни Паленсија.
Тој додаде дека Обвинителството започнало истрага за овој случај.
Поддршка на претседателот на Парламентот, Хуан Гваидо, кој се прогласи за привремен претседател на Венецуела, му пружија САД, Австралија, Канада, Колумбија, Перу, Еквадор, Парагвај, Чиле, Панама, Аргентина, Костарика и Гватемала. Неколку европски земји, меѓу кои и Велика Британија, Шпанија, Франција и Германија, по истекот на рокот за распишување на нови избори даден на претседателот Николас Мадуро, го признаа Гваидо за привремен претседател.
Поддршка на актуелниот претседател Мадуро, кој на последните избори освои околу 68 отсто од гласовите, му дадоа Турција, Русија, Иран, Куба, Кина и Боливија. Мадуро ги прекина политичките и дипломатските односи со САД, но најави продолжување на трговските односи.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на почетокот на февруари рече дека испраќање војници во Венецуела е една од опциите.