İlyas Tayfun Salcı
31 Декември 2019•Ажурирај: 02 Јануари 2020
ЛОНДОН (АА) – Во тајните документи на британската Влада од 1995 година стои дека британскиот министер за одбрана во тој период, Малколм Рифкинд, на Владата ѝ предложил Русија да стане членка на НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според тајните премиерски документи на британскиот Национален архив од 1995 година, обелоденети денес, тогашниот министер за одбрана, Рифкинд, на еден семинар за надворешна политика во рамките на Владата го дал предлогот Русија да стане неполноправна членка на НАТО.
Рифкинд тврдел дека со неполноправното членување во НАТО на Русија ќе ѝ се даде можност да учествува на самитите и министерските состаноци, а тоа пак ќе ја намали загриженоста на Русија за проширувањето на НАТО кон Истокот.
Како што пишува во документот, Рифкинд истакнал дека неполноправното членство во НАТО ќе ја задржи Русија надвор од опсегот на членот 5 и меѓународниот воен персонал на НАТО.
Тој, исто така, посочил дека неполноправно членство може да им се даде и на Украина, Белорусија, Молдавија и на балтичките земји, со што ќе бидат спречени повторно да влезат во рускиот домен.
Според документите, Министерството за надворешни работи на Велика Британија се спротивставило на таквиот предлог, со образложение дека непотполното членство ќе доведе до „лажно очекување“ кај Русија дека еден ден може да стане полноправна членка на НАТО.
„Ветувањата што нема намера да се исполнат ќе го доведат НАТО во иста позиција како Европската Унија, која имаше ветувања кон Турција“, се нагласува во документот.
Во тајните документи што се објавени денес стојат и прашањата како што се: „Како би влијаело присуството на претставниците од Русија на состаноците на НАТО врз процесот на донесување одлуки во НАТО?“ и „Колку се грижиме за независноста на Украина или Белорусија?“