Alaattin Doğru
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
ДАКАР (АА) - Со зголемувањето на терористичките напади во Буркина Фасо и сѐ поголемите безбедносни проблеми, од своите домови се раселени 300.000 лица, 500.000 живеат сиромашно, а 1,2 милион луѓе се соочуваат со глад и недоволно количество храна, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата за координација на хуманитарната помош при ОН (OCHA) и Меѓународната организација на Црвениот крст објавија писмено соопштение во кое истакнуваат дека продолжувањето на вооружените напади и проблемот со безбедноста во Буркина Фасо предизвикале раселување на населението од северните и источните делови од земјата.
„Поради безбедносната ситуација во Буркина Фасо, околу 300.000 лица ги напуштија своите домови во централносеверните и источните региони, и дојдоа во северниот дел на земјата, во собирниот центар во Сахел“, се вели во соопштението на Канцеларијата.
Додека на почетокот од годината бројот на раселените изнесуваше 82.000 лица, сега таа бројка е трипати зголемена, поради што пристапот до основните животни услуги и храна во центрите за прием станува сѐ потежок.
Меѓународната организација на Црвениот крст соопшти дека во последните шест месеци, поради наведените проблеми, 500.000 лица станале сиромашни.
Во соопштението се наведува дека поради безбедносните проблеми, само во август, од 125 здравствени центри затворени се 60, додека само во дел од преостанатите 65 центри се спроведуваат операции, и се подвлекува дека поради безбедносниот проблем голем број здравствени работници ги напуштиле медицинските центри.
Во продолжение се истакнува дека покрај тоа, околу 1,2 милион лица се соочуваат со глад и недостиг на храна.
- Во 7 од 13 подрачја во Буркина Фасо е воведена вонредна состојба
Последните четири години повеќе од 500 лица во Буркина Фасо ги загубија животите во напади на терористички организации.
Нападите кои претходно беа интензивирани во северните делови на земјата, со тек на време почнаа да се придвижуваат кон подрачјата на границата со Того и Бенин.
Поради зголемениот број терористички напади во северните делови на Буркина Фасо, од 1 јануари 2019 година во западните и централните делови на регионот Сахел е воведена вонредна состојба.
Вонредната состојба сѐ уште се спроведува во 7 од 13 региони во Буркина Фасо.