СРИНАГАР (АА) - Ограничувањата за движење и блокадата на комуникациите во Џаму и Кашмир, кои денеска влегуваат во 35. ден, ја онеспособуваат работата на новинарите во тој регион, пишува Anadolu Agency (AA).
Регионот со муслиманско мнозинство се соочува со блокада во комуникациите од 5 август, кога Индија му ги одзеде на регионот специјалните одредби загарантирани со Уставот на земјата.
Оневозможен е пристапот до интернетот, услугите на мобилните телефони исто така се суспендирани, нема пристап ниту до фиксната телефонија, а објавуваат само неколку локални весници.
Новинарите кои ги претставуваат националните и меѓународните медиуми зависат од владиниот Центар за слобода на медиуми во Сринагар, каде што има интернет, но нема Вај-фај пристап.
Генералниот секретар на Клубот на новинари во Кашмир, Ишфак Тантри, за АА раскажа за своите потешкотии со известувањето од Кашмир во рамките на тековните околности.
„Комуникациската блокада навистина влијае врз теренското известување. Во отсуство на интернет и телефони, вклучувајќи ги и мобилните телефони, на новинарите им е тешко да ги потврдуваат и да вршат проверка на своите информации“, рече тој.
Исто така, новинарите не се во можност да добијат репродукција за да ги проверат уредените стории или да добиваат телефонски повици од нивните канцеларии за проверка на фактите.
„Се чини дека блокадата на информациите е со цел да се спречи известувањето од Кашмир“, рече тој.
Уште еден новинар кој се наоѓа во Кашмир, Сафват Заргар, изјави дека прибирањето информации е најголемата жртва на комуникациската блокада.
„Блокадата најмногу ги погоди новинарите што ги претставуваат печатените и онлајн медиумите. И покрај тоа што се засегнати и телевизиските репортери, тие успеваат да комуницираат преку комбиња за емитување надвор, да се поврзат со нивните канцеларии. Прва и најголема жртва е доаѓањето до информации и неможноста новинарите да стигнат до Владата и до нивните извори за потврда на информациите“, рече тој.
Башарат Масуд, претставник на познатиот дневен весник „Индијан експрес“ (Indian Express), вели дека никогаш не доживеал потешки времиња за новинарите, како што е случајот сега.
„Задачата да ги испратиме нашите стории беше тешка“, рече тој за АА.
- Локалните медиуми сонеспособени -
Локалните медиуми се соочуваат со уште потешка ситуација. Порано од Сринагар објавуваа дури 180 дневни весници на англиски јазик и на урду. Сега како последица на ограничувањата и отсуството на комуникациската мрежа објавуваат само пет од нив.
„Го намаливме бројот на страниците на половина, затоа што не можеме секојдневно да создаваме содржина на 16 страници“, рече уредникот на еден од водечките весници на урду јазик.
„Одиме во Центарот за слобода на медиуми, ја симнуваме содржината и ја користиме во нашето уредување“, изјави уредникот, кој сакаше да остане анонимен.
„Новинарите не се во состојба да објават целосни изданија, не можат да пристапат и да обработуваат информации за секојдневните случувања, не можат да се движат слободно и пред сè, се плашат да говорат за целокупната атмосфера“, се наведува во заедничкото соопштение на две новинарски тела на Кашмир.
Многумина новинари беа иновативни во поврзувањето со нивните канцеларии, со цел да ја победат блокадата. Тие одеа до аеродромот, ги лоцираа патниците кои патуваа за Њу Делхи и испраќаа флеш дискови USB до нивните канцеларии.
Фарук Кан, фоторепортер кој работи за странска мрежа, за АА изјави дека во првите неколку дена по 5 август наоѓал курир и испраќал слики преку USB. Но повеќето новинари се целосно зависни од владиниот Центар за медиуми.
„Во 2016 година, кога беше убиен командантот на милитантите, Бурхан Вани, имаше слично исклучување на интернетот. Но работеа фиксните телефонски линии. Можевме да ги испраќаме сториите и сликите од нашите канцеларии. Овој пат, фиксната линија за првпат е исклучена. Не можеме да се поврземе на интернет од нашите канцеларии“, изјави за АА Шуаиб Масуди, фоторепортер од Сринагар.
Прес-клубот на Кашмир и другите групи што ги претставуваат медиумите изразија сериозна загриженост во врска со блокадата на комуникациите што влијае на работата на новинарите.
- Нанесена голема штета на собирањето информации за вести -
Извештајот под наслов „Вести зад бодликавата жица“ за блокадата на информациите во Кашмир, објавен од Мрежата на жени во медиумите, Индија, и од Колективот за слобода на говорот, ги изнесе проблемите со кои се соочуваат медиумите.
„Новинарите продолжуваат да се соочуваат со строги ограничувања во сите процеси на доаѓањето до вести, нивната верификација и проширување, блокиран е слободниот проток на информации, оставајќи медиумска тишина, што е лошо за слободата на изразувањето и слободата на медиумите“, се вели во извештајот.
Во него се додава дека блокадата на комуникациите и забраната на интернетот не само што предизвикала незамисливи и нехумани проблеми за сите граѓани, туку ги довела медиумите до затишје.
Во соопштението на Прес-клубот на Кашмир од 3 септември, исто така, се изразува загриженост за континуираната комуникациска блокада.
„Бидејќи блокадата на комуникациите во регионот започна на 5 август, Клубот во неколку наврати го постави прашањето пред властите, повикувајќи ги да им овозможат на новинарите и медиумите да функционираат преку мобилните телефони, интернетот и телефонските линии, вклучително и печатените медиуми. Но овие напори се покажаа залудни“, се вели во соопштението.
По соопштението, Владата додаде четири нови компјутери во Центарот за функционирање на медиумите. Таа, исто така, ги врати мобилните телефонски линии на поедини владини и полициски службеници. Но не ја укина блокадата, ниту ги олесни ограничувањата на медиумите.
Индиските власти, пак, минатата недела тврдеа дека се отстранети дневните ограничувања на движење низ Џаму и Кашмир во 90 отсто од регионот.
Од 1954 година до 5 август 2019 година, Џаму и Кашмир уживаше посебен статус според индискиот Устав, што му овозможуваше да носи свои закони. Одредбите, исто така, го заштитуваа Законот за државјанство во регионот, според кој се забрануваше странци да се населат и да поседуваат земјиште на територијата на Џаму и Кашмир.
И Индија и Пакистан имаат под своја контрола делови на Кашмир. Кина, исто така контролира дел од оспорениот регион, но Индија и Пакистан во два наврати војуваа поради Кашмир.
Двете јужноазиски нуклеарни сили ги водеа двете војни за Кашмир во 1947 и 1965 година.