Sayed Khodaberdi Sadat
08 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
МЕЗАР И ШEРИФ (АА) - Сајед Ходаберди Садат -
Тешко е да се биде новинар во Авганистан, земјата што се наоѓа на 120. место кога е во прашање слободата на медиумите. Новинарите секојдневно се соочуваат со терористички напади, киднапирања, физички и вербални напади.
Претседателот на Здружението за поддршка на слободата на медиумите на Авганистан, Сидикулах Тевхиди изјави дека само во текот на оваа година, новинарите 377 пати биле цел на напади. Според неговите зборови, бројот на напади на претставниците на медиумите во Авганистан се зголемува од година во година, меѓутоа, оваа година е забележан драматичен пораст.
Тевхиди истакна дека според нивните податоци, во Кундуз, на северот од земјата се забележани 96 напади на медиумските претставници, а во Хелманд 75. Тој нагласи дека преостанатите 206 напади се случиле во останатите делови на Авганистан.
Тој порача дека новинарите во оваа земја не се безбедни и дека ситуацијата секој ден станува сѐ посериозна. Од почетокот на оваа година загинаа 13 новинари.
„Сакаме на авганистанската Влада, но и на меѓународната заедница да им укажеме за овој голем проблем“, изјави Тевхиди.
Тој истакна дека поради големата опасност во професијата, од почетокот на оваа година 292 лица го напуштиле новинарството, започнале да се занимаваат со друга дејност и се преселиле во побезбедни подрачја. Според неговите зборови, голем проблем е тоа што претставниците на медиумите не можат да се движат слободно и не се под заштита.
Тевхиди ја смета власта на таа земја за одговорна за зголемениот број напади на претставниците на медиумите.
Селсела Имамзаде, новинарка на една телевизија во Авганистан зборуваше за тешката позиција на жените новинарки во Авганистан.
„Да се биде жена новинар во оваа земја е многу тешко“, порача Имамзаде.
Според неа, на жените новинари во оваа земја се гледа негативно и поради тоа од ден на ден се намалува бројот на жени што се занимаваат со оваа професија.