Admir Fazlagic
15 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, почесниот претседател на жирото за наградата „Жан Моне“, Сонила Мечо, како и голем на број новинари, фоторепортери, личности од јавниот живот вечерва во Скопје на свечена церемонија беа врачени годинашните награди за новинарство, за репортерска и за аматерска фотографија, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградата за најдобар новинарски текст годинава Делегацијата на ЕУ во Скопје му ја додели на неодамна починатиот новинар Владе Ѓорчев, која ја примија неговите колеги новинари Симона Атанасова и Димитар Тануров.
Конкурсот за наградата „Жан Моне“ годинава беше на тема „Договорот од Пржино и потоа“. Новинарот Ѓорчев е награден за истражувачката сторија поврзана со истрагата за случајот „Транспортер“ што ја отвори Специјалното јавно обвинителство, како и за неговиот новинарски ангажман во известувањето во врска со Договорот од Пржино.
Наградата за најдоба професионална фотографија ја доби фоторепортерот Роберт Атанасовски, а за најдобра аматерска фотографија Дарко Цветановски.
Жирито во состав на новинарките Марија Тасев и Жана Божиновска, фоторепортерот Наке Батев, Жана Божиновска и Марина Тунева, извршната директорка на Совет за етика во медиумите на Македонија ги предводеше почесниот претседател на жири комисијата Сонила Мечо.
Амбасадорот на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар рече дека „Жан Моне" е награда која е симбол кон посветеното новинарство и објективно известување на јавноста.
„Годинава според некои луѓе конкурсот има контроверзна тема Пржино и потоа, меѓутоа пристигнатите трудови покажаа дека темата е доста инспиративна и дава впечатоци за овој политички настан. Првата е изградба на независни институции и изградба на верба во државните институции. Втората е да се има дијалог да се решаваат проблемите преку дијалог и комуникација. Пржинскиот договор ја донесе земјата до успешни избори минатата недела, на изборите луѓето имаа можност да си ја изразат волјата и тоа го направија во огромна бројка. Очекуваме дека новиот Парламент и новата влада ќе се ангажираат во спроведување на потребните реформи со цел да ја доведат земјата назад во евроатланската патека", рече евроамбасадорот Жбогар при доделувањето на наградите на победниците на конкурсот.
На присутните им се обрати и Сонила Мечо од Албанија, почесен претседател на жирито за наградата „Жан Моне“. Таа упати честитки до наградените и им посака успех во понатамошната работа.
Инаку, наградата „Жан Моне“ Делегацијата на ЕУ годинава ја додели по 14. пат, а се однесува на најдобрите достигнувања во известувањето за прашања кои се однесуваат на ЕУ и пристапувањето на земјата кон ЕУ.
Во изминатите години, повеќе од 400 пријави се натпреварувале за наградата. Организаторите известија дека оваа година на конкурсот беа примени 58 пријави, од кои 14 за најдобра репортерска фотографија, 7 за најдобар новинарски текст и 37 за најдобра аматерска фотографија.