Ceyhun Alizade
31 Август 2022•Ажурирај: 01 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Денеска во Брисел започна средбата меѓу претседателот на Азербејџан, премиерот на Ерменија и челникот на Европскиот совет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите треба да разговараат за најновите случувања во регионот Карабах, регион на Јужен Кавказ во кој есента 2020 година имаше 44-дневна војна меѓу Азербејџан и Ерменија, но не беа откриени информации за деталите од разговорите.
Оваа средба се реализира еден ден откако претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, имаше телефонски разговор со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на кој се разговараше за процесот на нормализирање на односите меѓу Баку и Ереван, како и за други прашања од агендата на средбата со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Во Москва вчера се одржа состанок на комисијата формирана за утврдување на границата меѓу двете поранешни советски републики.
Во петокот Алиев објави дека Азербејџанската армија се префрлила во стратешкиот град Лачин во Карабах, како и во селата Забух и Сус.
Откако договорот со посредство на Русија стави крај на војната меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година, трите земји се согласија да развијат економски врски и инфраструктура во корист на целиот регион.
За време на војната во 2020 година, Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 населби и села во регионот на Карабах, кои беа окупирани од Ерменија речиси три децении.