Emre Karaca
09 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
ДАКА
На повеќе од 500.000 аракански муслимански бегалци, кои престојуваат во камповите во Бангладеш, им се издадени лични карти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) соопшти дека официјалните претставници на Бангладеш и УНХЦР регистрирале повеќе од 500.000 аракански муслимански бегалци од Мјанмар.
Во изјавата се вели дека се отпечатени биометриски картички за сите бегалци постари од 12 години. Картичките кои не можат да се фалсификуваат, се очекува да им помогнат на бегалците жени, деца и на лицата со посебни потреби.
Исто така, во изјавата се потенцира дека личните карти ќе овозможат организациите за хуманитарна помош да работат покоординирано и дека сите евидентирани ќе добијат помош. Овие документи ќе бидат важен елемент за безбедно враќање на араканските муслимани во Мјанмар.
- Етничко чистење на араканските муслимани
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, и беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската Војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш во нивните земји.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без притоа да се обезбеди безбедна средина, ќе доведе до ново етничко чистење.