Ekipa
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
ДАКА (АА) - Најмалку четири лица загинаа, а десетици се повредени во нередите кои избија за време на протестите во најголемиот пристанишен град на Бангладеш, Читангог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стотици активисти на неполитичката група „Хефазат-е-ислам“ се собраа денес во Читагонг во знак на протест поради посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Бангладеш.
Полицијата со барикади го блокираше градот, а нередите избија кога демонстрантите се обидоа да ги отстранат барикадите.
Очевидци тврдат дека полицијата со намера да ги разбрка демонстрантите користела солзавци, огнено оружје но и со палки ги удирала демонстрантите.
„Телата на четири убиени лица се однесени во мртовечницата заради обдукција“, изјави за АА полицискиот инспектор Алаудин Талукдер.
Индискиот премиер Моди утринава допатува во дводневна посета во главниот град на Бангладеш, Дака, за да се придружи на прославата по повод 50. годишнина на независност на Бангладеш и на јубилејната 100. годишнина од раѓањето на основачот на државата, шеик Мујибур Рахман.
Денес и во Дака се ранети десетици лица, меѓу кои тројца новинари, кога полицијата со солзавци ги разбркала демонстрантите кои планирале да протестираат поради посетата на Моди.
Стотици лица во цивили кои носеле палки исто така ги нападнале демонстрантите.
Демонстрантите за време на нередите запалија многу возила и мотоцикли. По два часа, полицијата успеа да ја стави ситуацијата под контрола.