Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
ДАКА (АА) - Бројот на загинати во пожарот што изби вчера на траект во главниот град на Бангладеш, Дака, се искачи на 38, соопштија денес болнички извори, додека операциите за пребарување и спасување продолжуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 40 тешко повредени патници сè уште се лекуваат во три болници во Дака и Барисал, а на повеќе од десетина состојбата им е критична.
За Агенција Анадолија, д-р Саманта Лал Сен од Националниот институт за изгореници и пластична хирургија „Шеик Хасина“ во главниот град, рече: „Сега лекуваме вкупно 15 пациенти од пожарот на траектот. Еден од нив почина денеска (сабота), а состојбата на другите е исто така критична.“
Вчера во раните утрински часови патничкиот траект „МВ Овиџан“ се запали пловејќи од Дака низ реката Сугандаха кон јужниот дистрикт Баргуна.
„Нашиот спасувачки тим, заедно со членовите на Крајбрежната стража и други агенции, сè уште патролираат по должината на реката во потрага по исчезнатите. Досега извадивме 37 мртви тела, а еден од повредените им подлегна на повредите“, истакна бригадниот генерал на противпожарната служба и цивилната одбрана, Саџад Хосаин, за АА.
Во меѓувреме, неколку локални медиуми објавија дека бројот на загинати во несреќата се искачил на 41.
„Се ужаснувам кога ќе се присетам на страшните сцени од несреќата“, изјави за АА Мохамад Расел, од екипажот на траектот.
„Јас и некои други патници скокнавме во реката и некако успеавме да стигнеме до копното“, додаде тој.
Формирани се три посебни истражни комисии за утврдување на причините за пожарот.
Според првичните докази и изјавите на очевидците, пожарот настанал во просторот кај моторот, по експлозија на плинска боца.