Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
ЛУСАКА (АА) - Министерството за рудници на Замбија соопшти за златна треска во која над 5.000 државјани на Замбија, но и странци, незаконски вршат ископување на наоѓалиштата во Централната Провинција што граничи со главниот град Лусака, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Замбија, вториот по големина производител на бакар во Африка, се наоѓа во состојба на налет по новооткриеното злато.
Министерот за развој на рударството и минерали, Пол Кабусве, кој беше на еднонеделна турнеја низ регионот, жали за ситуацијата, и вината ја става на порозните системи за менаџирање од страна на монополистите кои гледаат лична корист на сметка на нацијата.
„Поради тоа, Владата е во процес на воспоставување база на податоци што ќе ги регулира сите процеси на ископување, вклучително и за златото, за да се осигури дека земјата ќе извлече максимална корист“, рече Кабусве.
Неодамнешните откритија на злато во Замбија доведоа до зголемување на своеволните активности за ископување на овој ресурс, сценарио што земјата се бори да го промени и покрај основањето на државната компанија „Замбија голд“.
Кабусве неодамна ја прекина работата на ископот Каенсели, едно од наоѓалиштата на злато во северозападниот дел на земјата, по низата некоординирани рударски активности што доведоа до загуба на човечки животи.
Регионалниот министер во Централната Провинција, Кредо Нанџува, предложи Владата да размисли за распоредување воени трупи за заштита на резервите.
Тој истакна дека тоа ќе биде повторување на мерките што ги применуваат соседните земји Боцвана и Зимбабве.