Ekipa
27 Март 2021•Ажурирај: 28 Март 2021
ЈАНГОН (АА) - Вршителот на должноста претседател на паралелната цивилна Влада во Мјанмар денес ја нагласи потребата од формирање федерална коалициска армија за заштита на продемократските демонстранти од режимот инсталиран од воениот пуч, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ман Вин Каинг Тан, кој беше именуван од соборените законодавци за потпретседател и вршител на должноста претседател на цивилната Влада, рече дека наскоро ќе се формира коалиција на федерална влада по преговорите со политичките фактори во етничките области во земјата.
„Исто така, итно се бара да се здружат рацете со етничките браќа и сестри во формирањето на федерална армија за заштита на животите и имотите на луѓето во земјата“, рече тој во обраќањето по повод 27 март, Денот на отпорот, денот кога Армијата го започна отпорот против јапонската окупација во 1945 година.
Овој ден од страна на Армијата на Мјанмар беше преименуван во Ден на вооружените сили и секоја година се одбележува со презентирање на воените капацитети.
Советот за национална безбедност, формиран и предводен од началникот на Војската, постариот генерал Мин Аунг Хлаинг, по пучот на 1 февруари, започна насилна акција против демонстрантите кои бараа итно прекинување на военото управување.
До денес, најмалку 328 демонстранти се убиени од страна на безбедносните сили за време на повеќенеделните немири, соопшти Здружението за политички затвореници, активистичка група со седиште во Тајланд.
Водачот на пучот, Мин Аунг Хлаинг, во своето обраќање ги осуди демонстрантите за создавање нестабилност.
Тој го повтори ветувањето за одржување избори по вонредната состојба, меѓутоа не даде конкретен датум.
Во телевизиска порака вчера воената хунта предупреди дека демонстрантите ризикуваат да бидат застрелани во главата и грбот доколку продолжат со демонстрациите против пучот, додека демонстрантите ја игнорираа заканата и денес повторно излегоа на улиците во неколку градови низ земјата.