Sayed Khodaberdi Sadat
01 Декември 2017•Ажурирај: 02 Декември 2017
МЕЗАР-И ШАРИФ (АА) - Сајед Кодаберди Садат - Во Мезар и-Шариф, во северниот дел на Авганистан е отворен првиот ресторан само за жени, јавува Anadolu Agency (AA).
Во таа земја има голем број ресторани и кафулиња, меѓутоа, досега жените немаа објект каде што како и мажите би можеле да бидат опуштени и да уживаат во разговор.

Ресторанот „Бано“, што значи жена, им дава можност на жените на едно место да уживаат во храна, разговор, да читаат книги, но и да пушат наргиле.
Сопственичката на ресторанот, Захра Парса, за АА раскажа дека почуствувала оти недостасува ваков објект во градот, па одлучила да отвори ресторан за жени. Како што изјави Парса, во ресторанот работат исклучиво жени и на тој начин сопствениците на ресторанот придонесуваат за нивната независност.
Ресторанот е особено посетуваат од студенти. Една од нив, Ракије Курбани, е редовен гостин.
Курбани вели дека се чувствува удобно, бидејќи вработените во ресторанот се само жени. Таа секојдневно доаѓа со пријателките, по предавањата. Покрај оброците и наргилето, тие имаат можност да се дружат и да разговараат. Курбани вели дека е тешко да се биде жена во земја каде што има многу табу теми, но дека конечно почнале да се борат за своите права.

И покрај сѐ, како што истакна, ваквите места им даваат надеж на авганистанските жени.
Жените во Авганистан околу четири децении се борат за своите права. Во времето на талибанците, на жените им е одземено правото на глас, како и правото да работат во државните институции и радио-телевизии. Со доаѓањето на власт на новата влада, во 2001 година, авганистанските жени повторно не ги добија сите свои права.
Денес, жените во Авганистан се изложени на различни притисоци и злоупотреби. Според податоците на Независната комисија за човекови права на Авганистан, во 2017 година се забележани 3.778 случаи на насилство врз жените.