АНКАРА (АА) - Во десет најсмртоносни земјотреси во историјата на човештвото, од кои девет се случија во Азија, загинале повеќе од 2,5 милиони луѓе, пренесува Anadolu Agency (AA).
Најсмртоносниот меѓу земјотресите што го погодија азиското тло се случија во Кина, каде што смртно настрадаа 1,3 милиони луѓе, велат податоците на Американскиот геолошки институт.

- Шанси, Кина, 23 јануари 1556 година -
Земјотресот во кинеската северозападна покраина Шанси е познат како досега најсмртоносниот земјотрес во историјата. Се проценува дека земјотресот бил со јачина од 8,0 степени по Рихтеровата скала, а во него загинале скоро 830.000 луѓе.
Во земјотресот е уништено подрачје со површина од 840 километри, а во некои области земјотресот усмрти дури и 60 проценти од населението.
- Тангшан, Кина, 28 јули 1976 година -
Вториот најсмртоносен земјотрес исто така се случи во Кина. Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, на 28 јули 1976 година, го срамни со земја индустрискиот град Тангшан, при што загинаа околу 225.000 луѓе, а над 800.000 беа повредени.
Во земјотресот, во рок од десет секунди беа уништени 180 згради, а материјална штета е причинета и во Пекинг.
- Алепо, Сирија, 11 октомври 1138 година -
Земјотресот во сириската покраина Алепо во 1138 година, исто така се смета за еден од најразорните. Во земјотресот што се случил на 11 октомври 1138 година, загинале 230.000 лица, а јачината на земјотресот не е позната.
- Суматра, Индонезија, 26 декември 2004 година -
Земјотрес со јачина од 9,1 степени според Рихтеровата скала го погоди дното на Индискиот Океан на 26 декември 2004 година. Земјотресот се случи во близина на индонезискиот остров Суматра и предизвика цунами во Индискиот Океан, предизвикувајќи низа бранови високи и до 15 метри кои ги погодија бреговите на 14 земји.
Над 227.000 лица загинаа, а 50.000 исчезнаа во Индонезија. Околу 1,7 милиони луѓе се раселија.
- Хаити, 10 јануари, 2010 година -
Во земјотресот со јачина од 7,0 степени, кој во јануари 2010 година го погоди брегот на Хаити, загинаа речиси 222.000 луѓе, а над 300.000 беа повредени. Поради последиците од земјотресот раселени се 1,3 милиони луѓе, а околу 100.000 домови беа уништени.
- Дамган, Иран, 22 декември 856 година -
Над 200.000 лица загинале во земјотресот за кој се смета дека имал интензитет од 7,9 степени според Рихтеровата скала, што пред повеќе од 1.100 години ја погодил североисточната иранска покраина Семнан, во подрачјето на Дамган. Шестиот најсмртоносен земјотрес однел најголем број жртви во Иран.
- Хајнан, Кина, 16 декември 1920 година -
Во земјотресот во Хајнан, Кина, на 16 декември 1920 година, загинале над 200.000 луѓе. Се смета дека земјотресот бил со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала и дека по него следеле тригодишни потреси во тоа подрачје.
- Ардабил, Иран, март 893 година -
Осмиот најразорен земјотрес на сите времиња се случил на 23 март, 893 година во Ардабил, Иран, во кој загинале над 150.000 луѓе.
- Канто, Јапонија, 1 септември 1923 година -
Земјотрес со јачина од 7,9 степени на 1 септември 1923 година го срамнал Токио и неговата околина. Во потресот кој уништил 380 куќи, загинале 142.000 лица.
- Ашхабад, Туркменистан, 5 октомври 1948 година -
Земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала го погодил Ашхабад, главниот град на Туркменистан во 1948 година. Во земјотресот загинале над 110.000 луѓе.