Şenhan Bolelli
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
МАДРИД (АА) - Левичарската коалициска влада во Шпанија го прогласи островот Ла Палма од групата Канарски Острови за „зона на катастрофа“ поради вулканот Кумбре Виеха, кој е активен од 19 септември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На неделната редовна седница на Владата, што се одржа денеска, Владата го прогласи островот Ла Палма, на југозапад од земјата, за област на катастрофа и најави дека ќе биде доделена помош од 10,5 милиони евра.
Соопштено е дека 5,5 милиони евра од помошта ќе бидат наменети за оние што ги загубија своите домови поради лавата на вулканот, додека остатокот ќе се користи за основни потреби како што се фрижидери, машини за перење, печки, кујнски прибор и кревети.
Владата наведе дека во првата етапа ќе бидат купени 107 куќи, што ќе бидат наменети за семејствата кои останаа без покрив над главата.
Меѓу другото, се истакнува дека по завршувањето на ерупциите на вулканот, „планот за реконструкција“ ќе стапи на сила, а помошта ќе се користи за реконструкција на енергетските и водоводните мрежи, урбанистичко структурирање, изградба на патишта и ревитализација на туризмот.
Самоуправата на Канарските Острови, исто така, одлучи да даде помош од 13.000.000 евра за Ла Палма.
- Вкупната штета на островот ќе надмине 400 милиони евра -
Лавата од Кумбре Виеха, првиот вулкан што стана активен по 50 години на островот Ла Палма, уништи 686 станбени објекти, а површина од 286 хектари е покриена со лава. Исто така стана неупотреблив и пат долг 21 километар.
Анхел Виктор Торес, претседателот на Автономната влада на Канарските Острови, соопшти дека тие проценуваат дека вкупната штета на островот ќе надмине 400 милиони евра откако ќе престанат активностите на вулканот.
Интернет-фирмата за недвижности „Идеалиста“, исто така, соопшти дека вредноста на сите домови и фарми уништени од лавата изнесува 178,4 милиони евра.
Во моментов на островот се евакуирани 5.600 луѓе од своите домови.
Пепелта од вулканските ерупции зафаќа 1.300 хектари земја на островот. Се наведува дека чистењето тони пепел е исто така сериозен проблем.
На островот Ла Палма, со 80.000 жители, 50 проценти од бруто-годишниот производ и 30 проценти од вработеноста зависат од секторот за производство на банани.
Годишното просечно производство на банани од 150.000 тони е ставено во ризик бидејќи остана меѓу лавата и пепелта.
Се предупредува дека ако лавата што се приближува премногу до брегот навлезе во морето, ќе има силни експлозии и гасовите што ќе излезат од хемиските реакции може да предизвикаат проблеми за жителите на островот Ла Палма.
Се наведува дека моментално постојат ограничувања за влез и излез од четирите населби, каде што живеат околу 300 луѓе во регионот. Од луѓето се бара да не ги напуштаат своите домови, освен ако не е потребно и да не ги отвораат прозорците на домовите.