АНКАРА (АА) – СУМЕЈЕ ДИЛАРА ДИНЧЕР -
И покрај реакциите од многу страни, Норвешка не се откажува од ловењето на остроклунестите (минке) китови, пишува Агенција Анадолија (АА).
Ловот на китови, што се реализира поради тврдењето дека норвешкиот народ „сака да види месо од китови на чинијата“, се смета за неетички од страна на научниците, екологистите и активистите за правата на животните и дека е против целите за заштита на животната средина на оваа северноевропска земја.
Според извештаите на Норвешката организација на рибари, годинава во риболовната сезона убиени се 575 китови, што е најголем број во последните 5 години.
Организацијата за заштита на китовите и делфините (WDC) за Агенција Анадолија даде изјава за ловот на китови во Норвешка.
Ванеса Вилијамс-Греј, менаџерката за политика на Организацијата за заштита на китовите и делфините (WDC), го опиша ловот на китови како „масакр во животната средина“ и рече дека убивањето на стотици китови е непростливо.
„Срамно е тоа што норвешките ловци на китови истакнаа дека оваа сезона убиле најмногу китови во последните 5 години, само неколку дена откако беа убиени најголемиот број делфини и китови на Фарските Острови“, рече Вилијамс-Греј.
Организацијата за заштита на китовите и делфините (WDC), исто така, со АА ги сподели резултатите од истражувањето спроведено заедно со најголемата норвешка организација за заштита на животните НОАХ (NOAH) и Институтот за заштита на животните (Animal Welfare Institute - AWI).
Истражувањето покажа дека зголемувањето на бројот на убиени китови оваа година нема да донесе профит за индустријата.
Студијата, исто така, покажа дека процентот на Норвежаните кои во 2019 година често консумирале месо од китови бил само 4 проценти. Тој процент оваа година e паднат на 2 проценти.
Сузан Милворд, директорката на програмата „AWI Marine Animals“, рече дека и покрај тоа што маркетинг-програмите се делумно финансирани од норвешката Влада во изминатите 20 години, резултатите од истражувањето може да бидат разочарувачки.
И покрај реакциите и критиките, норвешките владини претставници го опишуваат ловот на китови како нешто нормално.
Од Емил Ингебригтсен, норвешкиот министер за рибарство и морска храна, поврзувајќи го ловот на китови со користењето на природните ресурси истакна дека китовите се добар извор на храна.
- Нехумани методи на лов -
Меѓу другото, Норвешка е жестоко критикувана за нејзините диви методи на лов на китови и за прикривањето на овие методи.
Китовите во земјата сè уште се ловат со копје. Харпуните опремени со експлозив продираат околу 30 сантиметри во китот и експлодираат во внатрешноста на морскиот цицач.
Со харпуните заглавени во неговото тело, китот полесно се влече до чамецот. Со овој метод на риболов 18 проценти од китовите умираат во рок од 15 минути.
- Од 1993 година до денес убиени се повеќе од 9.500 китови -
Се наведува дека бројот на остроклунести (минке) китови убиени во Норвешка од 1993 година е повеќе од 9.500.
Светскиот лов на китови е регулиран од Меѓународната комисија за лов на китови (IWC), формирана во 1946 година со цел „правилно одржување на бројот на китови и обезбедување редовен развој на индустријата за китови“.
И покрај тоа што Меѓународната комисија за лов на китови (IWC) имаше мораториум за комерцијален лов на китови, издаден во 1986 година, Норвешка и Исланд продолжија да ловат китови со објавување на официјални приговори и поставување сопствени квоти.
- Квотата за лов оваа година е 1.278 -
Според изјавата дадена од норвешкото Министерство за рибарство, бројот на китови што ќе бидат убиени оваа година во земјата е определен на 1.278.
Наведено е дека оваа квота е иста со квотата определена за 2019 и 2020 година.
Во земјата, 429 китови се убиени во 2019 година и 503 китови во 2020 година.
- Во Данска оваа година ловот наречен „Гриндадрап“ исто така, наиде на светски реакции -
Беше соопштено дека оваа година на Фарските Острови, автономен регион на Кралството Данска, убиени се 1.428 китови и делфини.
Бројот на морски цицачи убиени на Фарските Острови оваа година се проценува дека е најголем од почетокот на традицијата на ваквиот лов.
Вестите во локалните медиуми и реакциите на активистите за животна средина споделени на социјалните мережи овозможија за ловот да се слушне низ целиот свет.
Семјуел Ростол, активист за правата на животните кој волонтира во здружението „Си шеферд“ (Sea Shepherd) основано од Пол Вотсон, едно од водечките имиња на невладината организација „Гринпис“, даде изјава за АА. Ростол во изјавата се осврна на неговите напори за да се создаде спротивно јавно мислење.