Selen Temizer
12 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека ситуацијата во Авганистан е пред колапс и дека е потребна итна акција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за развој на ЕУ одржаа неформален состанок за Авганистан преку видеоконференција на која учествуваше и Борел.
„Хуманитарната и социоекономската ситуација во Авганистан е пред колапс. Според Норвешкиот совет за бегалци, ако не добијат соодветна помош најмалку 1 милион деца се изложени на ризик да умрат од студ и глад оваа зима. Не можеме да чекаме. Треба да дејствуваме брзо“, порача Борел на состанокот.
Наведувајќи дека министрите разговарале за конкретни начини како ЕУ да ја зголеми поддршката за авганистанскиот народ, Борел нагласи:
„Ова не значи дека петте критериуми усвоени од Советот веќе не се валидни. Напротив, тие остануваат валидни и мора да бидат целосно исполнети за да продолжи развојот на соработката која е утврдена.“
Високиот претставник на ЕУ претходно рече дека однесувањето на талибанците ќе го оценат според пет критериуми: „Да не извезуваат тероризам во други земји, да ги почитува правата на жените и човековите права, владеењето на правото и слободата на медиумите, да го олеснуваат доставувањето хуманитарна помош, да им дозволат на странските државјани и на Авганистанците кои се под ризик да ја напуштат земјата и формирање на инклузивна и преодна влада преку преговори меѓу политичките сили во Авганистан.“