Erbil Başay
19 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
БЕРЛИН (AA) - Во главниот град на Германија, Берлин, денеска на сила се високи безбедносни мерки поради одржување на Берлинскиот самит, односно на Меѓународната мировна конференција која ги собра највисоките функционери на 12 земји и на четири меѓународни организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата ќе се одржи во зградата на германската Влада, а полицијата ги блокира сите патишта кои водат од таа зграда кон воениот дел на аеродромот „Тегел“.
За безбедноста денеска во Берлин се задолжени 4.000 полицајци, а посебни мерки се најавени по повод доаѓањето на турскиот и рускиот претседател Ердоган и Путин.
Германската полиција ја блокираше и пловидбата по реката Спре која поминуа покрај седиштето на Владата, а делумно е прогласена и забрана за летање над Берлин.
Безбедносните мерки нема да го нарушат редот на комерцијалните летови на берлинските аеродроми „Тегел“ и „Шонфелд“.
Рано утрово коритото на реката Спре во близина на седиштето на Владата го контролираа и германските нуркачи.
Над зградата на Владата во Берлин ќе летаат полициски хеликоптери кои ќе го набљудуваат градот, а за тоа ќе се користат софистицирани термални камери.
Високите безбедносни мерки се однесуваат и на хотелите во кои се сместени поканетите гости.
Покрај Берлинскиот самит, полицијата во главниот град на Германија денеска го обезбедува и платото на кое се одржува Саемот на зелена недела, како и Олимпискиот стадион на кој се игра бундеслигашкиот дерби меч помеѓу Херта и Баерн.
Германската канцеларка Ангела Меркел е домаќин на денешната конференција на која присуство најавија турскиот и рускиот претседател Ердоган и Путин, а се очекува доаѓање и на претседателот на Франција, Емануел Макрон, шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео и на премиерите на Италија и Велика Британија, Џузепе Конте и Борис Џонсон. Најавено е и доаѓање на делегациите на Египет и Обединетите Арапски Емирати, како и на претседателот на Алжир, Абделаџид Тебуне и на претседателот на Република Конго, Денис Сасу Нгуесо, кој претседава со Комитетот на Африканската Унија за Либија.
На конференцијата се повикани и шефот на меѓународно признаената Влада на национално единство на Либија, Фајез Ал Сарај и водачот на нелигитимните сили од исоткот на Либија, Калифа Хафтар.