Ahmet Gürhan Kartal
19 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј на граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија им рече дека не се преговарачки адут во разговорите за Брегзит, јавува Anadolu Agency(AA).
Во отворено писмо објавено пред Самитот на ЕУ денес во Брисел, Меј им даде дополнителни ветувања на граѓаните на ЕУ кои се живеат во Велика Британија и на британските државјани населени во земјите од ЕУ.
„Во текот на овој процес бев јасна дека правата на граѓаните се мој прв приоритет“, напиша таа.
Меј рече дека нејзината влада и колегите лидери од ЕУ имаат заедничка цел, да ги заштитат правата на граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија и на британските државјани што живеат во ЕУ.
Ова писмо е со цел да се надмине безизлезната состојба до која стигнаа преговорите со ЕУ.
Тврдејќи дека договорот што се однесува на правата на граѓаните е достапен, Меј изјави дека ќе обезбеди гаранции со кои правата на оние граѓани на Велика Британија што моментално живеат во ЕУ, и на граѓаните на ЕУ што моментално живеат во Велика Британија нема да се променат со текот на времето.
„Граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија дадоа голем придонес за нашата земја“, додаде Меј.
„Сакаме тие да останат со своите семејства тука. Не можам да бидам појасна. Граѓаните на ЕУ што денес законски живеат во Велика Британија ќе имаат можност да останат“.
- Самит
Британската премиерка денес ќе се состане со лидерите на 27-те членки на ЕУ, со цел да ги убеди дека во втората фаза е направен доволен напредок во преговорите за Брегзит.
Сепак, лидерите на ЕУ минатата недела рекоа дека напредокот досега не е доволен, и посочија дека преговорите за Брекзит достигнале „вознемирувачки застој“.
Министерот за Брегзит во сенка, сер Кир Стармер, од британската опозициска Лабуристичка партија, изјави дека писмото на британската премиерка е добредојдено, но она што таа го кажува мора да биде материјализирано, така што тие би ја поддржале промената во законодавството.
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, пред денешниот состанок со премиерката исто така ќе се состане и со лидерите на ЕУ. Зборувајќи за „Sky News“ (Скај њуз), Корбин изјави дека ќе се состане со шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, и со главниот преговарач за ЕУ, Мишел Барние.
Се очекува Велика Британија да ја напушти ЕУ во март 2019 година, завршувајќи го 44-годишното партнерство со блокот.