Emel Öz Gözellik
19 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека минатата година секој ден умирале по 15 илјади деца под 5-годишна вораст, од кои 46 отсто, односно седум илјади умирале на возраст од 28 дена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во новиот извештај објавен од страна на ОН се наведува дека бројот на умрените деца под петгодишна возраст во 2000 година изнесува 9,9 милиони, а во 2016 година оваа бројка опаднала на 5,6 милиони деца.
„Покрај ова, уделот на мртвите новороденчиња во овој вкупен износ во истиот период од 41 се искачил на 46 отсто“, се вели во извештајот.
Според извештајот изготвен од страна на Меѓуагенциската група за процена на смртноста кај децата на ОН (ИГМЕ), која ја сочинуваат Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ), Светската здравствена организација (СЗО), Светската банка и Одделот за население при УНДЕСА, врз основа на денешните трендови, во периодот од 2017 до 2030 година ќе умираат 60 милиони деца под петгодишна возраст, од кои половина новороденчиња.
Во извештајот се вели дека поголемиот дел од смртните случаи на новороденчиња се случуваат во Јужна Азија (39 отсто), и во Супсахарска Африка (38 отсто), додека половина од случаите се случуваат во Индија (24 отсто), Пакистан (10 отсто), Нигерија (9 отсто), Демократска Република Конго (4 отсто) и во Етиопија (3 отсто).
Исто така, се истакнува дека инфективни болести кои се причина за смртност кај децата под петгодишна возраст, пред сѐ се пневмонија и дијареја.
Според извештајот, голем број животи може да се спасат доколку се намали глобалната нееднаквост. „Доколку сите земји ја постигнат просечната смртност на земјите со висок приход, 87% од смртните случаи под пет години би можеле да бидат спречени, и речиси 5 милиони животи можеа да бидат спасени во 2016 година“, се наведува во извештајот на ИГМЕ.
- „Смртта на 7.000 деца е неприфатлива“
„Животот на 50 милиони деца е спасен од 2000 година. Ова е показател за одлучноста на владите и развојните партнери за справување со смртните случаи што може да се спречат. Но, ако не сториме повеќе за спречување на смртноста на бебињата на денот кога се родени, или неколку дена по нивното раѓање, овој напредок ќе остане нецелосен. Ги имаме потребните знаења и технологии. Ние само треба да ги пренесеме таму каде што се најпотребни“, изјави шефот на здравството при УНИЦЕФ, Стефан Свартлинг Петерсон.
Д-р Флавија Бустрео, помошник генерален директор на секторот за семејно здравје, здравје на жените и на децата при СЗО, рече: „За да се постигне општа здравствена покриеност и да се обезбеди повеќе новороденчиња да преживеат и напредуваат, мораме да им служиме на маргинализираните семејства. За да се спречат болестите, семејствата имаат потреба од финансии, нивните гласови да бидат слушнати и потребен им е пристап до квалитетна грижа. Треба да се даде приоритет на подобрувањето на квалитетот на услугите и навремена грижа за време на породувањето и по него“.
„Неприфатливо е што во 2017 година, бременоста и раѓањето деца сѐ уште се опасни за жените и што 7.000 новороденчиња умираат секојдневно. Најдобра мерка за успех на универзалната здравствена покриеност е секоја мајка не само што треба лесно да пристапува до здравствена грижа, туку тоа треба да биде квалитетна грижа, којашто ќе обезбеди здрав и продуктивен живот за нејзините деца и за семејството. Ние сме посветени на зголемување на нашето финансирање за поддршка на побарувачката на земјата во оваа област“, истакна Тим Еванс, директор за здравство, исхрана и популација во Светска банка.