Lokman İlhan
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
КАРАКАС (АА) - Укинат е имунитетот на претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гваидо, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во тек е правниот процес против Гваидо, кој сака да ја промени Владата преку уличните демонстрации, преку добивање на поддршката на венецуелската Војска, како и на бројни земји од Западот и Латинска Америка, пред сè на САД.
Основачкото собрание (ANC) кое е единственото овластено законодавно тело во земјата, одржа вонредна седница под раководство на Диосдадо Кабело, со цел дискутирање за барањето на претседателот на Врховниот суд на правдата (TSJ) на Венецуела, Маикел Морено, во врска со укинување на имунитетот на Гваидо.
На седницата, барањето за укинување на имунитетот на Гваидо во рамките на правниот процес започнат против него, поради тоа што преминал во Колумбија и покрај тоа што имал забрана за излез од земјата, беше прифатено со поддршка на сите парламентарци.
По оваа одлука на Основачкото собрание (ANC), се очекува Врховниот суд на правдата (TSJ) да го започне судскиот процес.
Инаку, Гваидо на 23 јануари се прогласи за привремен претседател на земјата, а на 22 февруари патуваше во Колумбија.
Се вели дека Гваидо поминал преку патиштата на границата контролирани од илегалните вооружени групи во Колумбија.
Гваидо тврдеше дека во Колумбија преминал со поддршка на Војската на Венецуела.
По оваа земја, Гваидо ги посети и Бразил, Парагвај, Аргентина и Еквадор, а на 4 март се врати во Венецуела и без проблеми влезе во земјата.