Ahmet Dursun
03 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамед Џавад Зариф, ги негираше тврдењата дека Соединетите Американски Држави (САД) со помош на иранската Црвена полумесечина ќе помогнат на населението погодено од катастрофалните поплави во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зариф, преку социјалните медиуми реагираше на изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, дека се подготвени да им помогнат на жртвите од катастрофалните поплави.
Зариф нагласи дека поради санкциите на САД, помошта која се упатува надвор од земјата не може да стигне до регионите зафатени со поплавите.
„Веста дека САД се подготвени да помогнат на иранската Црвена полумесечина преку трансфер на пари од Црвениот крст е лага. Точната вест е дека иранската Црвена полумесечина поради незаконските санкции од САД не е во можност да добие каква било помош. САД мора да прифатат дека применуваат економски тероризам“, рече Зариф.
Портпаролот на иранскиот министер за надворешни работи, Берхам Касими, вчера изјави дека поради санкциите на САД не може да стигне соодветна помош во регионите зафатени со поплавите.
Американскиот државен секретар Помпео, во вчерашната писмена изјава истакна дека тврдењата дека неговата земја ја спречува помошта упатена за иранската Црвена полумесечина се неточни.
Педесет и седум лица ги загубија своите животи во поплавите што се случија во Иран, како резултат на двонеделните обилни врнежи.