Beyza Binnur Dönmez
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
АНКАРА
Делегациите на венецуелската Влада и опозицијата се согласија за три точки што се фокусираат на економските и политичките прашања на средбата за меѓусебен дијалог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Николас Мадуро учествуваше на состанокот што се одржа во палатата „Мирафлорес“, јави ТВ-каналот „Телесур“ (TeleSur) од Каракас.
Клаудио Фермин, лидер на партијата Решенија за Венецуела, по состанокот рече дека за време на двомесечните преговори постигнале значаен прогрес и дека „Венецуелците веќе гледаат начин за одредување на нов Национален изборен совет“, во пресрет на парламентарните избори во 2020 година.
Фермин, исто така, рече дека се формирани комплементарни маси за разговори во врска со итните економски мерки и прашањата на политичките партии.
Состанокот се одржа еден ден откако опозицискиот лидер Хуан Гваидо изјави дека преговарачкиот процес со Владата на Мадуро е „мртов уште пред три месеци“.
Министерот за комуникации, Хорхе Родригез, ги соопшти трите точки за кои е постигната согласност на дијалогот:
1. Формирање на избирачки одбор за парламентарните избори во 2020 година, кој ќе го вклучи и новиот Национален изборен совет.
2. Актуализација на размената на нафта за лекови и храна, и укинување на даноците на голем број производи, што ќе ги намали цените и ќе ги направи достапни за секого.
3. Национално помирување.
Потпретседателката Делси Родригез, министерот за комуникации, Хорхе Родригез, министерот за образование, Аристобуло Истуриз, и претседателот на Националното конститутивно собрание, Франциско Тореалба, ја претставуваа Владата за време на состанокот.
Делегацијата од опозицијата ја сочинуваа Хавиер Бертучи од партијата Надеж за промени, Фелипе Мухика од партијата Движење за социјализам, Клаудио Фермин од партијата Решенија за Венецуела и Тимотео Замбрано од граѓанското движење Ајде да се промениме.
На почетокот на септември, Владата на Мадуро и пет лидери на опозициски партии објавија дека се согласиле да започнат нов процес на дијалог за решавање на проблемите во врска со ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта), бидејќи суровата нафта е главниот извозен продукт на земјата.
Националната маса - процес формиран со цел фокусирање кон идните избори, ослободување на затворениците и обединето спротивставување на санкциите на САД.
Од почетокот на годината во Венецуела владее политичка криза, и политичка битка помеѓу претседателот Мадуро и опозицискиот лидер Гваидо, додека економијата на земјата е во интензивен пад по глобалниот пад на цената на суровата нафта.