Hasan Esen
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
ЛОНДОН (АА) - Мајкл Фебрикант, член на Парламентот од владејачката Конзервативна партија во Велика Британија, ги нарече „примитивни“ антиизраелските демонстранти во Лондон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Овие примитивци, тоа што го прават на Блискиот Исток сакаат да го пренесат во Лондон“, истакна пратеникот Фебрикант на својот профил на Твитер, пренесувајќи снимки од судирот меѓу полицијата и демонстрантите пред израелската Амбасада во Лондон во саботата.
Во изјавата на антирасистичката група „Hope Not Hate“ се наведува: „Тензичните ситуации бараат стабилни лидери кои сакаат да ги зближат заедниците, а не омразен расизам што предизвикува поделба во општеството. Конзервативците треба да го суспендираат членството на Мајкл Фебрикант поради овој срамен коментар.“
Сандер Катвала, директор на тинк-тенк здружението „British Future“, нагласи: „Сите што знаат дека е расизам да се мисли дека британските Евреи се одговорни за израелската политика, истиот расизам може да го видат во твитот на Мајкл Фебрикант.“
Фебрикант, чија изјава предизвика реакции, подоцна ја избриша својата објава на Твитер.
Полицијата и демонстрантите се судрија на демонстрациите што се одржаа пред израелската Амбасада. Демонстрантите во вечерните часови се обидоа да ги пробијат барикадите пред Амбасадата, а полицијата интервенираше против демонстрантите. За време на интервенцијата што траеше околу еден час беа приведени 13 лица.
Фебрикант не го користеше истиот израз за демонстрантите кои често протестираа против мерките преземени против Ковид-19 и се судираа со полицијата.