Islam Uddin
17 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистан денес го повика Советот за безбедност на ОН (СБОН) веднаш да започне чекори за Израел да одговара за своите воени злосторства и злосторствата против човештвото, поради тоа што Израел ги прекршува резолуциите на Советот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на отворената дебата на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата на Блискиот Исток, постојаниот претставник на Пакистан во ОН, амбасадорот Мунир Акрам, го поздрави отворениот состанок на Советот и изјави дека ситуацијата на окупираната палестинска територија и Ерусалим е екстремно тешка.
„Во мрачната позадина на влошената состојба во регионот, го повикуваме Советот за безбедност да ги исполни своите обврски за Повелбата, да побара итен прекин на употребата на израелска диспропорционална и произволна сила; да им се понуди заштита на палестинските цивили кои го носат товарот на израелските напади“, изјави Акрам.
Акрам го повика Советот да започне чекори за да се земе Израел одговорен за неговите воени злосторства и злосторства против човештвото, бидејќи Израел ги прекршува резолуциите на Советот.
„Пакистан ја осудува употребата на неселективна и непропорционална сила на Израел, вклучително и воздушното бомбардирање, што резултираше со смрт на речиси 200 Палестинци, вклучувајќи десетици жени и деца, како и со уништување на цивилната инфраструктура“, рече тој.
„Овие постапки на Израел се неприфатливи и се во спротивност со нормите на меѓународното право. Тие ги кршат резолуциите на Советот за безбедност на ОН и Генералното собрание и имаат големи последици за одржување на мирот и безбедноста во регионот и пошироко.“
Пакистанскиот претставник додека ја поздравуваше отворената дебата во Советот за безбедност на ОН (СБОН) за актуелната состојба на Блискиот Исток, исто така, го изрази своето разочарување од Советот за неговото непреземање акција и за незапирањето на израелската агресија толку долго.
„За жалење е што и покрај секојдневните загуби на човечки животи поради агресивните активности на Израел, Советот за безбедност не успеа да побара Израел да ја запре својата неселективна и непропорционална употреба на сила против беспомошниот и нападнат палестински народ во Ерусалим, во окупираниот Западен Брег и во опколената Газа“, рече тој, додавајќи:
„За жалење е што ваквите постапки на Советот беа спречени од оние кои прокламираат нивно силно придржување кон принципите на човековите права и меѓународното владеење на правото.“
Акрам, исто така, го повика Советот да побара од Израел да ги запре сите еднострани и незаконски чекори, вклучително и населбите и обидите за промена на статусот на Ерусалим.
- Пакистанскиот министер за надворешни работи се состана со палестинскиот претставник -
Во меѓувреме, пакистанскиот министер за надворешни работи, Махмуд Куреши, денес го прими амбасадорот на Палестина, Ахмед Џавад А.А. Рабаеи, во неговиот кабинет во Исламабад и силно го осуди насилството од страна на израелските сили врз невините верници во џамијата „Ал-Акса“, за време на светиот муслимански месец на постот, Рамазан.
Во соопштението издадено од Министерството за надворешни работи, Куреши ја изрази својата најдлабока тага и сочувство поради невините жртви на смртоносните напади од страна на Израелските одбранбени сили (IDF) во Газа и Западниот Брег.
„Тој (Куреши) категорично ги осуди континуираните и неселективни напади на израелските одбранбени сили кои резултираа во мачеништво на повеќе од 140 Палестинци, вклучувајќи 39 деца и 22 жени, и повредени повеќе од 1.000“, се додава во соопштението.
Куреши, исто така, го информираше Рабаеи за неговиот контакт со министрите за надворешни работи на важните регионални партнери и за тековните напори на неговата земја.
Палестинскиот амбасадор изрази благодарност за непоколебливата поддршка и постојаната политика на Пакистан кон Палестина и го извести Куреши за најновата ситуација на теренот, која веќе беше ужасна поради Ковид-19 и хуманитарните страдања што следуваа.