Lejla Biogradlija,Oktaj Omeragikj
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
СКОПЈЕ / САРАЕВО
Вкупната бројка на лица позитивни на новиот тип на коронавирус (Ковид-19) на светско ниво досега се зголеми на 163.728.745, додека вкупниот број на починати од последиците на заразеност со коронавирусот изнесува 3.393.647. Досега оздравеа вкупно 142.211.234 лица кај кои бил детектиран Ковид-19, известува Агенција Анадолија (АА).
Според бројките на заразени во светот, САД се земја со најголем број лица кај кои е детектиран Ковид-19, вкупно 33.715.951. Следуваат Индија со 24.965.463, Бразил со 15.627.475 и Франција со 5.877.787.
САД се земја и со највисока смртност во светот предизвикана од последиците на заразеност со Ковид-19. Досега во оваа земја животот го загубија 600.147 лица позитивни на коронавирусот, а следуваат Бразил со 435.823, Индија со 274.411 и Мексико со 220.433 починати.
- Во Италија е регистрирана најниска смртност поради Ковид-19 на дневна основа во последните 7 месеци
Во рамките на кампањата за вакцинација против Ковид-19 низ светот, досега се дадени 1 милијарда и 450 милиони дози вакцини.
Индија е една од најпогодените земји во светот од пандемијата на новиот тип коронавирус. Индиската полиција започна истрага во врска со стотиците тела што пловеа по реката Ганг во индиските држави Бихар и Утар Прадеш, за кои се смета дека се лица што биле заразени со Ковид-19.
Според истражувањето спроведено во Италија, вакцинацијата против Ковид-19 ја намали бројката на лица заразени со коронавирусот, бројката на пациенти во болниците и ризикот од смртни последици во земјата.
Во последното деноноќие во Италија се детектирани 93 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, што претставува најниска бројка на смртни случаи предизвикани од коронавирусот во оваа земја од октомври 2020 година.
Во последните 24 часа 5.753 лица биле позитивни на коронавирусот. Вкупната бројка на смртни случаи во Италија изнесува 124.156, Ковид-19 е детектиран кај 4.159.122 лица, а вкупната бројка на оздравени се искачи на 3.706.084.
- Во Јапонија уште во 3 префектури воведена вонредна состојба
Поради зголемувањето на бројката на новозаразени, Јапонија воведе вонредна состојба и во префектурите Хокаидо, Окајама и Хирошима. Во подрачјата во кои на сила е вонредната состојба, на рестораните и кафулињата им се дозволува да бидат отворени најдоцна до 20:00 часот, при што е забрането точење алкохол.
Јапонија е земја во која досега Ковид-19 е детектиран кај 677.988 лица, животот го загубија 11.463 заразени, а оздравеа 590.044 заразени.
Високата смртност во Перу како последица на заразеност со Ковид-19 предизвика недостаток на места за погребување на гробиштата. Досега во оваа земја поради коронавирусот животот го загубија 66.220 лица, вкупната бројка на заразени изнесува 1.889.052, а оздравеа 1.720.665 лица позитивни на Ковид-19.
Северна Кореја, која е учесник во втората фаза од азиските квалификации за учество на ФИФА Светскиот фудбалски куп 2022, донесе одлука да се повлече од организацијата. Северна Кореја не даде образложение за одлуката поради која се повлекува од турнирот, а медиумите на Јужна Кореја објавија дека таквиот чекор е преземен поради епидемијата на Ковид-19. Интернет-порталот „Worldometer“ објавува ажуриран преглед на глобалната епидемиолошка слика од почетокот на пандемијата на Ковид-19 во земјите од светот, а поради затвореноста на Северна Кореја, нема податоци во врска со случаите на зараза и смртните случаи во оваа земја.
Инаку кај нејзиниот сосед Јужна Кореја, досега се детектирани 132.290 случаи на зараза со Ковид-19, од кои 619 во последните 24 часа, а регистрирани се вкупно 1.903 смртни случаи, од кои 3 во последното деноноќие.
Во Тајван, владините претставници го предупредија населението да остане дома и да не паничи, одлучувајќи да не се воведе целосно затворање. Во Тајван досега се детектирани 2.017 случаи на зараза со Ковид-19, од кои 335 во последното деноноќие. Во оваа земја досега се детектирани 12 смртни случаи од последиците на заразеност со коронавирусот.
Соопштено е дека избувнал пожар во Филипинската општа болница (ПГХ), една од најголемите епидемиолошки болници во земјата. Од болницата биле евакуирани 500 лица, од кои 156 биле пациенти позитивни на Ковид-19. Филипините се земја со вкупно 1.143.963 лица позитивни на Ковид-19, 19.191 смртен случај и 1.069.868 лица што оздравеле од коронавирусот.