свет, Коронавирус

Бројот на случаи на Ковид-19 во Индија достигна речиси 25 милиони

Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа се детектирани 281.386 нови случаи на Ковид-19, а во истиот период животот го загубиле 4.106 лица позитивни на коронавирусот

Büşra Selvi Öğütcen  | 17.05.2021 - Обновена : 18.05.2021
Бројот на случаи на Ковид-19 во Индија достигна речиси 25 милиони

АНКАРА (АА) - Во Индија, која е една од најпогодените земји во светот од епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), досега се детектирани 24.965.463 лица позитивни на коронавирусот, известува Агенција Анадолија (АА).

Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа се детектирани 281.386 нови случаи на Ковид-19, а во истиот период животот го загубиле 4.106 лица позитивни на коронавирусот.

Вкупниот број лица кај кои е детектиран коронавирусот се искачи на 24.965.463, додека од почетокот на епидемијата на Ковид-19 досега животот го загубија 274.390 заразени.

Експертите предупредуваат дека точната бројка на заразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19 би можела да биде многу повисока.

Во моментов во земјата се лекуваат 3.516.997 лица позитивни на Ковид-19.

Од 21 април досега, за првпат бројката на новозаразени случаи со Ковид-19 во Индија падна под 300.000.

Во Индија почнувајќи од 27 април, бројката на смртни случаи на дневна основа изнесува над 3.000 починати.

Министерството за здравство на Индија соопшти дека земјата се наоѓа под влијание на вториот бран на епидемијата и дека очекуваат состојбата во земјата да се стабилизира.

Во меѓувреме, во тек е полициска истрага во врска со стотиците тела што пловеа по реката Ганг во индиските држави Бихар и Утар Прадеш, за кои се смета дека се лица што биле заразени со Ковид-19.

- Кампања за вакцинација -

Министерството за здравство на Индија објави дека во оваа земја со популација од 1,4 милијарди лица досега се дадени 182.926.460 дози вакцини, од започнувањето на кампањата за вакцинација на 16 јануари досега.

Адар Пунавала, извршниот директор на Институтот за серуми во Индија, најголемиот светски производител на вакцини, во интервју за „Фајненшал тајмс“ (Financial Times), дадено претходниот ден, предупреди дека има недостиг на вакцини и дека тоа ќе потрае неколку месеци.

Институтот има договор со компанијата „АстраЗенека“ за производство на вакцината и е обврзан да ја произведува и за потребите на програмата на Светската здравствена организација (СЗО) за пристап до вакцини за заштита од Ковид-19, а потребата да одговори на итната побарувачка од вакцини во земјата, можно е негативно да се одрази на снабдувањето со вакцини во светот.

САД, Велика Британија, Германија и други земји го интензивираа извозот на лекови, комплети за тестирање и медицински помагала за кислород во Индија, како и супстанциите што се користат во производството на вакцини.

Дабиел Б. Смит, вршител на должноста амбасадор на САД во Њу Делхи, изјави дека компонентите за вакцините доставени во земјата ќе помогнат во производството на 20 милиони вакцини на „АстраЗенека“.

Пунавала упати повик до американскиот претседател Џо Бајден да го укине ембаргото за одредени суровини потребни за производство на вакцините.

САД се откажаа од правата на интелектуална сопственост на вакцините за Ковид-19 во знак на поддршка на производството на вакцини. Се проценува дека ваквиот чекор ќе го стимулира производството на вакцини во Индија.






На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın