свет

Бројот на убиени Палестинци во Газа се приближува до 61.800, деструктивната војна на Израел продолжува

Министерството истакна дека 54 тела, од кои четири извлечени од урнатините, се донесени во болниците во последните 24 часа, додека 831 лице се повредени

Betül Yılmaz  | 14.08.2025 - Обновена : 14.08.2025
Бројот на убиени Палестинци во Газа се приближува до 61.800, деструктивната војна на Израел продолжува Фото: Abdallah F.s. Alattar/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 61.776 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти денес Министерството за здравство, јавува Анадолу.

Министерството истакна дека 54 тела, од кои четири извлечени од урнатините, се донесени во болниците во последните 24 часа, додека 831 лице се повредени, со што вкупниот број повредени Палестинци од почетокот на војната достигна 154.906.

„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата, бидејќи екипите на брзата помош и цивилната одбрана не можат да стигнат до нив“, се додава.

Министерството објави дека 22 Палестинци се убиени, а 269 се повредени во израелските напади додека се обидувале да дојдат до хуманитарна помош во последните 24 часа, со што вкупниот број Палестинци убиени додека барале помош е 1.881, а над 13.863 се ранети, сметајќи од 27 мај.

Соопштено е дека четири лица починале во последните 24 часа поради глад и неисхранетост. Со ова, вкупниот број смртни случаи од глад се зголеми на 239, меѓу кои 106 се деца, а хуманитарната криза продолжува да се продлабочува.

Израелската Армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш се убиени 10.251 Палестинец, а повредени се 42.865, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.