Burak Bir
14 Февруари 2025•Ажурирај: 16 Февруари 2025
МИНХЕН (АА) - Бугарскиот претседател, Румен Радев, денес изрази оптимизам за преговори за „мировен план за Украина“, велејќи дека „конечно“ е време да се искористат сите дипломатски инструменти за ставање крај на конфликтот, јавува Анадолу.
„Конечно, имаме глас на мудроста; се надевам дека е така, а разговорите меѓу (американскиот) претседател Трамп и (рускиот) претседател Путин покажуваат дека имаме силна политичка волја“, изјави Радев за Анадолу на маргините на Минхенската безбедносна конференција во југоисточниот германски град.
Тој истакна дека се „исцрпени“ сите воени и економски инструменти за решавање на овој конфликт, и додаде: „Видовме дека тоа е невозможно“.
Неговите изјави доаѓаат во време на интензивирани разговори за „мировен план“ на Трамп за Украина, кој е меѓу главните точки на агендата на Минхенската безбедносна конференција.
„Конечно е време да се искористат сите инструменти на дипломатијата за да се најде праведно, одржливо решение и мир“, рече Радев.
Бугарскиот петседател додаде: „Затоа овој дијалог е од витално значење“.
Радев изрази надеж дека ќе видат ова да продолжи кон проширување на дијалогот за вклучување на Европа и Украина на масата „за да се изнајде одржливо решение“.
На прашањето дали тој го гледа овој план како единствениот пат за безбедноста на Европа, бугарскиот претседател рече: „Ова не е конечно решение“.
„Треба да направиме многу нешта бидејќи крајната цел не е само да се реши овој конфликт и да се изнајде мир во Украина; крајната цел е да се изгради сигурна безбедносна архитектура на глобалната сцена“, додаде тој.
Тридневната годишна конференција започна денес во Минхен, на која учествуваат над 50 шефови на држави и влади и околу 150 министри од целиот свет.
Покрај очекуваните интензивни разговори за војната во Украина и мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, на конференцијата ќе стане збор и за кризата на Блискиот Исток, политичкиот процес во Сирија, конфликтите во Африка и тензиите во Југоисточна Азија.