Ekipa
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на случаи на коронавирусот во Индија денес ја надмина границата од 8,4 милиони, откако во последните 24 часа во земјата беа дијагностицирани 47.638 новозаразени, соопшти Министерството за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Индија во изминатите 24 часа евидентирани се 670 смртни случаи поврзани со вирусот, со што вкупниот број достигна 124.985.
Според Министерството, во земјата има 520.773 активни случаи на вирусот, а регистрирани се 7,76 милиони оздравени.
Додека Индија во целина бележи постојан пад на бројот на нови случаи, многу градови, вклучително и главниот град Њу Делхи, имаат огромен пораст на новозаразени.
Главниот министер на Делхи, Арвинд Кеџривал, вчера преку Твитер истакна дека случаите на коронавирусот се зголемуваат поради сезоната на фестивали и поради загадувањето, додавајќи дека властите одлучиле да ја забранат употребата на петарди и огномети поради сезоната на фестивали, и да ја зголемат здравствената инфраструктура во државните болници.