Mustafa Deveci
05 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Поранешниот израелски министер за комуникации, Ајоб Кара, изјави дека огромно мнозинство американски Евреи го предале Доналд Трамп и на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) гласале за неговиот ривал Џозеф Бајден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Членот на владејачката израелска партија Ликуд, Кара, на социјалните мрежи ги коментираше прелиминарните резултати од претседателските избори во САД и упати критики до американските Евреи за нивната мнозинска поддршка на Бајден.
„Големо разочарување е тоа што 72 отсто од американските Евреи се неблагодарни и што гласаа за Бајден“, порача Кара.
Кара тврди дека Трамп за Израел бил најдобриот американски претседател во историјата, и додаде дека се срами што американските Евреи не му ја дале очекуваната поддршка.
Тој на крајот порача дека сигурноста на Евреите низ светот може да ја гарантира само силна израелска држава и дека затоа еврејските гласачи во САД требало да го дадат својот глас за Трамп.
Трамп за време на изминатиот мандат во Белата куќа потпиша одлука за повлекување на САД од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма, одлуката за признавање на Ерусалим како главен град на Израел и преместување на американската Амбасада од Тел Авив, потоа посредуваше во нормализацијата на израелските односи со Обединетите Американски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, го претстави таканаречениот Мировен договор на векот за Блискиот Исток. Тие одлуки предизвикаа радост во Израел, а гнев во Палестина.
Според неофицијалните резултати, кандидатот на демократите, Џо Бајден, собра 253 електорски гласа и има поголеми шанси за победа на изборите отколку неговиот ривал од републиканците и актуелен претседател Доналд Трамп, кој во моментов има 213 електорски гласа, а за останување во Белата куќа му се потребни минимум 270.