Ahmed Asmar
07 Ноември 2023•Ажурирај: 08 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Палестинското Министерство за здравство денес соопшти дека бројот на загинати Палестинци во засилените израелски напади врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 10.328 лица, јавува Анадолу.
Од вкупниот број загинати 4.237 се деца, а 2.719 се жени, изјави на прес-конференција Ешраф ал Кудра, портпаролот на Министерството за здравство во Газа.
„Над 25.956 Палестинци се повредени во нападите на израелските сили врз Газа“, додаде Ал Кудра.
Портпаролот ги повика Обединетите нации (ОН) и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ги заштитат здравствените установи и амбулантните возила од израелските напади.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Покрај големиот број жртви и масовни раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.