Бројот на жртви од тајфунот Калмаеги на Филипините се искачи на 204, за исчезнати се водат 109 лица
Себу е најпогодената покраина во регионот Централен Висајас, каде што се пријавени 141 смртен случај
АНКАРА (АА) - Бројот на жртви од тајфунот Калмаеги на Филипините денес се искачи на 204, додека 109 лица се водат како исчезнати, според државните медиуми, пренесува Анадолу.
Вкупно 156 лица се повредени поради пустошот предизвикан од Калмаеги, локално познат како Тино, објави Филипинската новинска агенција, повикувајќи се на претставници на Националниот совет за намалување и управување со ризици од катастрофи.
Себу е најпогодената покраина во регионот Централен Висајас, каде што се пријавени 141 смртен случај, со по еден смртен случај пријавен во Антике, Илоило, Гимарас, Бохол и Лејте, заедно со два смртни случаи во Јужен Лејте, три во Капиз, шест во Агусан дел Сур, 27 во Негрос Оксидентал и 20 во Негрос Ориентал.
Досега, 2,9 милиони луѓе се погодени од бурата на Филипините, додека 282.490 се раселени и преместени во центри за евакуација.
Уништувањето се случува откако силен земјотрес со магнитуда од 6,9 степени го погоди Себу на 30 септември, при што загинаа многумина и илјадници беа раселени.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос прогласи состојба на национална катастрофа во четвртокот поради последиците од Калмеги и во очекување на уште еден тајфун.
Доцна синоќа, Филипините беа погодени од супертајфунот Фунг-вонг, локално познат како Уван, носејќи обилни дождови што ги принудија властите да откажат летови, да затворат училишта и да го суспендираат морскиот сообраќај во одредени области.
Калмеги вчера се префрли во Виетнам, каде што загинаа пет лица, тројца се водат како исчезнати, а 17 се повредени. Властите соопштија дека 244 куќи се уништени, а 17.562 се останати без кровови, додека од тајфунот се погодени околу 2,3 милиони луѓе, а околу 398.000 се засолнети во центри за евакуација, според веб-страницата „Виетнам њуз“.
Обилните дождови и силниот ветер, исто така, го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во неколку области, при што над 1,6 милиони луѓе доживеаја прекини на електричната енергија.
Тајфунот потона и 21 пловила, а 44 се оштетени од брановите што предизвикаа штета и на земјоделските култури и добитокот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
