Бројот на жртви од поплавите и поројните дождови во Пакистан надмина 1.000
- Најмалку 504 лица загинале во провинцијата Хајбер Пахтунхва, 300 во Пенџаб, 80 во јужен Синд, 30 во југозападен Белуџистан, 41 во Гилгит-Балтистан, 39 во пакистанскиот дел на Кашмир, а деветмина во главниот град Исламабад

ИСЛАМАБАД (АА) – Бројот на загинати од поројните дождови и поплави што го зафатија Пакистан од 26 јуни надмина 1.000 лица, соопштија властите денес, јавува Анадолу.
Според Националната агенција за управување со катастрофи (НДМА), најмалку 504 лица загинале во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, 300 во североисточниот Пенџаб, 80 во јужен Синд, 30 во југозападен Белуџистан, 41 во Гилгит-Балтистан, 39 во пакистанскиот дел на Кашмир, познат како Азад Џаму или Кашмир, а деветмина во главниот град Исламабад.
Од вкупно 1.002 жртви, 274 биле деца, 163 жени, а 565 мажи.
Поплавите и поројните дождови предизвикаа и огромна материјална штета – оштетени се над 12.000 куќи, од кои 4.128 целосно уништени, а загинале и 6.509 грла добиток.
Монсунскиот период предизвика катастрофални последици во голем дел од земјата, а илјадници жители се раселени во провинциите Пенџаб, Синд и Хајбер Пахтунхва.
Според властите, само во Пенџаб поплавите погодиле над 2,4 милиони луѓе, а 2,6 милиони биле евакуирани од загрозените подрачја.
Разорните поплави – најтешки во историјата на земјата – предизвикаа и масовно раселување на населението во јужниот Синд, каде што реката Инд во моментов е во состојба на средно до високо ниво на надојдени води.
При крајот на август, Индија – која исто така беше погодена од силни дождови – ги отвори браните на големите реки што ги дели со Пакистан според Договорот за водите на Инд, предупредувајќи дека дополнителните испуштања ќе го зголемат нивото на поплавите низводно.
Властите наведуваат дека за првпат во 78-годишната историја на Пакистан, трите источни реки – Сатлеџ, Џелам и Ченаб – се истовремено на „исклучително високо“ ниво на поплави.
Официјалните лица предупредуваат дека сегашната катастрофа е најтешка по катастрофалните поплави од 2022 година, кога загинаа над 1.700 лица, една третина од земјата беше под вода, а штетите беа проценети на 32 милијарди долари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.