İdiris Okuduci
08 Октомври 2023•Ажурирај: 09 Октомври 2023
БЕЈРУТ (АА) - Најмалку 600 Израелци загинаа во воената ескалација со палестинските групи во Газа, соопштија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Повеќе од 2.000 Израелци досега се повредени, објави „Hebrew Channel 12“.
Израелските одбранбени сили денес ги објавија имињата на 26 војници кои загинаа во борбите со палестинската страна на границата со Појасот Газа изминатиот ден, истакнувајќи:
„Нивните семејства се известени.“
Подоцна во текот на денешниот ден, израелската војска ги објави имињата на 18 други војници убиени во саботата, со што бројката на загинати војници се зголеми на 44.
Околу 100 Израелци се киднапирани и доведени во Газа по саботниот напад на Хамас, објави дневниот весник „Yedioth Ahronoth“.
Бригадата Изедин Касам, военото крило на Хамас, во саботата наутро објави дека ја започнала операцијата „Aqsa Flood“ против Израел и извршила ракетни напади врз Израел од блокираниот Појас Газа, а нивните вооружени групи влегле во населбите во регионот.
Израелската војска потоа објави дека извршила напад врз Појасот Газа со десетици борбени авиони.
Најмалку 750 Израелци се водат за исчезнати од почетокот на борбите во саботата наутро, информираа локалните медиуми во неделата наутро.
Од друга страна, Министерството за здравство на Палестина објави дека во израелските авионски напади загинале 313 Палестинци, а повредени се 1.990.
Според информациите што ги објави израелската војска, Хамас од саботата досега кон Израел упатил повеќе од 3.000 ракети.