Ahmet Gürhan Kartal
04 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Британските пратеници синоќа усвоија Нацрт-закон со кој британската премиерка Тереза Меј е принудена да бара понатамошно одложување на заминувањето на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ), со цел да избегне сценарио без договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-законот, кој исто така е познат и како Купер нацрт-закон, бидејќи е предложен од лабуристката Ивет Купер, помина со 312 од 313 гласа.
Нацрт-законот помина низ сите свои фази во рок од околу шест часа.
Сепак, Законот треба да биде усвоен и од Домот на лордовите - Горниот дом на Парламентот, а продолжувањето на рокот, исто така ќе треба да биде одобрено од ЕУ наредната недела.
Овој потег се случи истиот ден кога Меј и лидерот на лабуристите Џереми Корбин се состанаа за да дискутираат за начините за излез од ќор-сокакот за Брегзит.
Двајцата лидери денеска ќе ги продолжат разговорите за Брегзит.
„Имавме конструктивни истражувачки дискусии за тоа како да излеземе од ќор-сокакот за Брегзит“, изјави портпаролот на лабуристите.
„Договоривме програма за работа меѓу нашите тимови за да го испитаме Договорот.“
„Го предложив алтернативниот план на лабуристите и можноста за јавно гласање за да спречам сценарио без договор или да оставам лош договор“, напиша Корбин на Твитер.
„Немаше многу промена во нејзиниот став како што очекував, но ќе продолжиме со разговорите утре“, додаде тој.
Сепак, Корбин, исто така е под притисок од неговата партија за да покрене со Меј потврдно јавно гласање за кој било договор на кој тие ќе се согласат.
Шкотската национална партија (SNP) исто така побара потврден референдум.
Преговорите на Меј со Корбин предизвикаа реакција од нејзините пратеници од Конзервативната партија, кои стојат зад ставот за итно напуштање на ЕУ без договор, наместо помеката верзија на Брегзит.
Двајца министри вчера поднесоа оставки до Владата како реакција на последната стратегија на Меј.
Откако го продолжија првиот рок за Брегзит за 12 април, британската премиерка Тереза Меј, исто така, изјави дека ќе ѝ треба дополнително кратко продолжување на рокот од страна на ЕУ.
„Денес преземам акција за излез од овој ќор-сокак: Предлагам да седнеме со лидерот на Лабуристичката партија и да се договориме за планот до кој и двете страни ќе се држиме, да се осигураме дека ќе ја напуштиме Европската Унија и дека ќе го направиме тоа со договор“, изјави Меј.
Таа нагласи дека е потребен фокус на идните односи со ЕУ.
„Идеалниот исход од овој процес би бил да се договориме за пристап кон идните односи, кој јас и лидерот на опозицијата ќе го доставиме до Парламентот за одобрување, и кој наредната недела би го пренела во Европскиот совет, закажан за 10 април.“
Премиерката додаде дека доколку не може да се постигне унифициран пристап, тогаш ќе се согласат со неколку опции за идните односи што би можеле да ги достават во Парламентот за гласање, за да одредат кој правец да го следат.