Umar Farooq
04 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Турција мора да одлучи дали сака да остане важен партнер на НАТО или да продолжи со купувањето на рускиот систем за противракетна одбрана С-400, изјави американскиот потпретседател Мајк Пенс, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс истакна дека купувањето на системот С-400 од страна на Турција би можело да претставува ризик за НАТО.
„Турција мора да избере дали сака да остане важен партнер во најуспешната воена алијанса во историјата на светот, или пак, сака да ја ризикува безбедноста на тоа партнерство“, рече Пенс на настанот на одбележувањето на 70. годишнина од формирањето на НАТО, организиран од Атлантскиот совет во Вашингтон.
„Ако Турција го комплетира купувањето на С-400, Турција ризикува нејзино исфрлање од заедничката програма за Ф-35, која ќе им наштети не само на одбранбените капацитети на Турција, туку може да им нанесе штета и на многу турски производители на составни делови со кои ја снабдуваат таа програма“, додаде Пенс.
Тој повтори дека САД ги суспендираа пратките на опремата и материјалите поврзани со Ф-35 за Анкара.
Турција се приклучи на програмата за воените авиони Ф-35 во 2002 година во која инвестираше над 1,25 милијарда долари. Таа, исто така, произведува разни делови за сите Ф-35 варијанти и клиенти.
Турските фирми ја снабдуваат програмата со клучните составни делови за борбените авиони Ф-35.
Два авиона Ф-35 веќе ѝ се испорачани на Турција, кои моментално се наоѓаат во воздухопловната база „Лук“ во Аризона, каде што се одвива и обуката на турските пилоти. Овие авиони требаше да бидат префрлени во Турција во ноември.
Претходно, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека системот С-400 ќе биде независен од каква било опрема на НАТО, велејќи дека тој ќе биде единствено за сопствена употреба, и потсети на предлогот за формирање на работна група со која ќе се потврди дека системот нема да претставува никаква закана за Ф-35.
Чавушоглу истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп нагласил дека ќе се погрижи за договорот за Ф-35.
„Трамп во телефонски разговор и самиот призна дека САД направиле грешка што не ѝ го продале [системот] „Патриот“ на Турција и му вети на Ердоган дека ќе се погрижи за ова прашање“, рече Чавушоглу.