Tayfun Salcı
30 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, го оцени тестирањето балистички проектили од страна на Северна Кореја како незаконска активност и додаде: „Тие, во голема мера се чин на провокација“, јавува Anadolu Agency (AA).
Меј отпатува во официјална посета на Јапонија, а пред полетувањето имаше обраќање пред претставниците на британските медиуми.
„Активностите на Северна Кореја се незаконски. Тие во голема мера се чин на провокација“, изјави Меј. Со цел да не се повторат ваквите активности за тестирање балистички проектили, британската премиерка изјави дека со своите меѓународни партнери, Британија ќе изврши притисок врз Северна Кореја.
Британската премиерка Меј потсети дека на Самитот на Г20 во Хамбург, на средбата со претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, зборувале за Северна Кореја и додаде: „Кина има клучна улога околу притисоците врз Северна Кореја. Ја поттикнуваме Кина да направи сѐ што е можно по ова прашање“.
На прашањето каков став има Британија кон алтернативите на воена акција или кибер-војна кон Северна Кореја, британската премиерка Меј не даде одговор.
Северна Кореја вчера наутро изведе тестирање на балистички проектил, при што проектилот ја прелета Јапонија и падна во Тихиот Океан.
- Средба во Јапонија -
Околу прашањето за тридневната посета на Јапонија и средбите што премиерката Меј планира да ги оствари во земјата од Далечниот Исток, таа изјави: „Со Јапонија, која е наш најблизок безбедносен партнер од Азија, планираме да оствариме поголема соработка на полето на кибер-безбедноста, борбата против тероризмот и одбраната. Денес тоа е многу поважно од кога било порано, бидејќи светот секојдневно станува сѐ понебезбеден“.
Меј, која утрово пристигна во Кјото, ќе се сретне со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, и царот Акихито.
Меј од Кјото ќе отпатува во главниот град Токио, со експресниот воз кој во оваа земја е познат и под името „возот куршум“.
Премиерката Меј ја придружува министерот за меѓународна трговија, Лиам Фокс, и 15-члена делегација од бизнисмени.
Се очекува на средбата на лидерите на двете земји, едно од прашањата кои ќе бидат разгледани да биде излегувањето на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ).
Во Велика Британија, во повеќе од 1.000 јапонски компании вработени се повеќе од 140.000 лица. Се дознава дека Јапонија е загрижена од пречките што би можеле да настанат при работењето на овие компании во ЕУ по Брегзит.