Furkan Abdula
03 Јуни 2022•Ажурирај: 04 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - На маргините на Конференцијата за безбедност „ГлобСек 2022“, што се одржува во Братислава, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари средба со премиерот на Словачка, Едуард Хегер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на средбата двајцата премиери изразиле задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои во последно време дополнително се динамизираат и унапредуваат со отворањето на Амбасадата на Северна Македонија во Братислава.
Се истакнува дека двајцата премиери на средбата истакнале дека активностите на Амбасадата ќе дадат дополнителен поттик за сеопфатен развој на билатералните односи меѓу двете земји, со посебен акцент на економската соработка со Словачка и со земјите членки на Вишеградската група.
„Премиерот Ковачевски во разговорот со словачкиот премиер Хегер се заблагодари за континуираните јавни застапувања и изјави на највисоки претставници на Словачката Република за недвосмислената поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, каква што беше заедничката иницијатива со Чешката Република за блокирањето на усвојувањето на заклучоците на ЕУ во однос на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан кои содржат неприфатливи референции за некои историски прашања“, се наведува во соопштението.
Ковачевски и Хегер се согласиле дека е крајно време Северна Македонија и регионот да добијат силна, јасна и кохерентна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива.
„Застојот во процесот на пристапување во ЕУ“, беше речено на средбата, „предизвикува силни безбедносни ризици, и сега е моментот конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија да се препознаат од страна на ЕУ со што побрзо започнување на пристапните преговори без одлагање“, се додава во соопштението.